Тевдовски: Еврообврзницата е со најниска камата, со парите ќе се враќаат стари долгови – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Тевдовски: Еврообврзницата е со најниска камата, со парите ќе се враќаат стари долгови

Средствата од еврообврзницата која Министерството за финансии ја издаде вчера, ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, за враќање на стари долгови, но и покачени плати во здравството и образование. Ова денеска на прес конференција го најави ресорниот министер, Драган Тевдовски.

Еврообврзницата од пола милијарда евра има рок на достасување од седум години. Според министерот Тевдовски, каматната стапка е историски најниска досега и изнесува 2,75 проценти.

Тој денеска најави дека до крајот на годината ќе се отплати првата рата од кредит кој е земен во 2015 година во вредност од 95 милиони евра.  Предвреме е вратена и една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра од 2015 година која достасува во декември 2020 година:

„Македонија првпат во историјата направи ваква операција на предвремено враќање на дел од еврообврзница, со што влеговме во редот на развиените земји каде што ваквата проактивна политика на управување со јавниот долг е редовна практика. Со оглед на тоа што со еврообврзницата враќаме речиси 200 милиони евра претходно наталожени долгови, нето-задолжувањето изнесува 300 милиони евра “.

Тевдовски најави дека парите од еврообврзницата ќе се користат за повисоки плати во здравството и образованието за капитални инвестиции, зголемени средства во одбрана, но и за враќање на претходни долгови. Сепак, запрашан за тоа по колку пари се планираат за секоја од овие работи посебно тој не  даде конкретен одговор.

„Средствата во Буџетот се наменети за покривање на буџетскиот дефицит и отплата на стари долгови. Буџетскиот дефицит е создаден бидејќи Македонија повеќе троши отколку што има приходи па затоа оваа Влада се реши за дополнителни мерки како раст на платите во здравство и образование, поддршка на домашните претпријатија и интензивирање на капиталните инвестиции, иако во Буџетот нема точни линии кои тоа го определуваат.“

Откако Министерството соопшти дека е издадена нова еврообврзница, реагираа од Finance think. Според овој Институт за економски истражувања  потегот дел од новиот долг да се искористи за рефинансирање на стар долг со повисока каматна стапка е коректен, но како што велат оттаму, остануваат отворени две главни прашања во однос на надворешното задолжување. Првото е тоа што Владата не отвори јавна дебата пред финализирање на издавањето на еврообврзницата, а второто прашање на кое забележуваат економистите од Finance think  е користењето на флоскулата „средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби“.

-Разбирливо е дека во техничка смисла, овие средства ќе се слеат во буџетот и ќе се користат за намирување на обврските како што тие доаѓаат. Но, во концептуална смисла, граѓаните мора да знаат за што се трошат нивните пари, и особено парите од високи задолжувања како ова – се посочува во соопштението.

Би те интересирало и

Околу 40 милиони евра за нови 80 километри гасовод

Речиси четириесет милиони евра ќе ја чини државата изградбата на новата гасоводна мрежа. Ова го ...

Само 27 отсто од компаниите во Македонија се сопственост на жени

Најголем број на македонските големи и средни компании, односно во 73 проценти од нив се ...