Тешко на Македонија ако во баражот за СП налета на Унгарија! – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Тешко на Македонија ако во баражот за СП налета на Унгарија!

Европското првенство во Хрватска ќе го промовира следниот голем настан во ракометот, Светскиот шампионат во Германија и во Данска, со тоа што ќе ја организира ждрепката за бараж-дуелите. Откако вчера заврши главната рунда, познат е, речиси, конечниот изглед на „шеширите“ со носители и со неносители.

Со самиот пласман во главната рунда во Хрватска, Македонија се пласира меѓу носителите во баражот за СП 2019, што претпоставува полесен противник. Меѓутоа, гледајќи ја листата со неносители ова не мора да значи, ама баш никаква предност.

Најтешкиот противник, кој Македонија би можела да го добие е Унгарија. Унгарците имаа катастрофално првенство ЕП, загубија од сите во својата група и Данска, и Шпанија и Чешка и сега ја предводат групата неносители. Меѓутоа имаат беспрекорна историја со македонската репрезентација, вклучително и два вакви баража. Меѓу неносителите има уште неколку опасни противници, а оној што ќе ги извлече Босна и Херцеговина, односно Швајцарија ќе почека уште малку за да дознае која од двете селекции ќе му биде противник. Причина за тоа е административниот спор, поради неправилност на еден квалификациски натпревар меѓу овие две екипи.

Рангирањето на репрезентациите во носители и неносители се вршеше според пласманот на ЕП во Хрватска. Првите девет непласирани селекции одат во „шеширот“ со носители, а сите останатите се неносители, заедно со шесте победници во квалификациските групи.

Македонија како освојувач на 11. место, на прв поглед изгледа дека не е меѓу деветте носители, меѓутоа три земји пред нас веќе се квалификувани за мундијалот, Германија и Данска како домаќини и Франција како светски првак. Оттука, сите три ослободуваат по едно место на селекциите кои следуваат под нив, а истото ќе го направи и новиот европски првак, кој исто така има загарантирано учество на СП.

Затоа носителите почнуваат од четвртото место, со Шпанија или со Шведска (онаа која ќе се пласира подолу на ЕП), а завршуваат со Исланд, пласиран на 13. место на конечниот пласман. Ждрепката ќе се одржи в сабота, во 16 часот.

НОСИТЕЛИ: Шпанија/Шведска, Хрватска, Чешка, Норвешка, Словенија, Белорусија, Македонија, Србија, Исланд

ШЕШИР НЕНОСИТЕЛИ: Унгарија, Австрија, Црна Гора, Литванија, Холандија, Португалија, Романија, Русија, БиХ/Швајцарија

Преземено од: Спорт1

Би те интересирало и

Пред 16 години Кометал ЃП стана европски првак (Видео)

На 19 – ти мај во 2002 година во салата на СРК „Кале“ во Скопје ...

Вардарки отпатуваа за Будимпешта по посакуваната титула

  Ракометарките на ЖРК Вардар попладнево отпатуваа за Будимпешта на „фајнал-фор“ турнирот во Лигата на ...