Турција: Уапсени десетици поранешни берзијанци

Турските власти денеска уапсиле 57 лица осомничени дека се поврзани со пропаднатиот пуч во земјата во минатото лето. Во фокусот на операцијата била истанбулската берза.

Како што јави турската провладина агенција Анадолија, во операцијата се уапсени главно поранешни вработени на берзата. Апсењата се спроведени во шест провинции а издадени се преку 100 налози за апсење. Турските валсти се сомневаат дека тие лица се поврзани сомрежата на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, кој според нивно мислење е организатор на обидот за пуч на 15 јули минатата година. Ѓулен, кој живее во САД, ги негира ваквите обвинувања. Анадолија јавува дека операцијата ќе продолжи во текот на целиот ден.

Дневникот Хабертурк кој прв ја објави информацијата за апсењето на поранешните вработени во берзата, пишува дека тие се осомничени дека имале пристап до шифрираниот систем за пораки, кој според властите во Анкара, бил средство за комуникација меѓу пучистите.

Тие уште се обвинети дека реализирале трансакции во полза на банката Асја, која е блиска до движењето на Ѓулен и која ја загуби дозволата за работа по пропаднатиот државен удар.

47 илјади луѓе досега беа уапсени во Турција по неуспешниот обид за пуч, меѓу нив полицајци, судии, учители, а повеќе од 145 илјади беа отпуштени од работа или суспендирани. Само во минатата недела турските власти отпуштија 107 судии и обвинители поради нивни наводни врски со организаторите на пучот.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган утрината на пресконференција во Анкара најави дека за време на неговата посета на Вашингтон и средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во вторник наредната недела, повторно силно ќе се заложи за екстрадиција на Фетула Ѓулен на Турција.

Извор: DW

Би те интересирало и

Експлозијата во Њујорк обид за терористички напад, нема повредени освен бомбашот

Експлозија одекна утрово во Њујорк, на една од главните сообраќајници во централниот дел на Менхетн. ...

Пожарот во Калифорнија голем колку Њујорк

Површината зафатена од голем пожар во Калифорнија сега е поголема од градот Њујорк, наведе Би-би-си. ...