Туск и лидерите од регионот во Скопје на состанок на Брдо-Бриони процесот – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Туск и лидерите од регионот во Скопје на состанок на Брдо-Бриони процесот

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, седум претседатели и еден премиер ќе бидат гости на претседателот Ѓорге Иванов, кој е домаќин на состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи денеска во Скопје.

Официјално своето присуство го потврдија претседателите на Хрватска, Колинда Грабар Ќитаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Србија Александар Вучиќ, на Црна Гора Филип Вујановиќ,  на Албанија Илир Мета, на Косово Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Како специјални гости на состанокот, во Скопје ќе допатуваат и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов. Поради гостувањето на шефовите на држави во Скопје одреден е прв степен на безбедност и тоа од копно и од воздух. Хеликоптери ќе го надлетуваат главниот град, а ќе има и посебен сообраќаен режим на неколку булевари.

Состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони во Скопје ќе го проследат вкупно 156 акредитирани претставници на медиумите, 116 од Македонија и 40 од странство.

По завршувањето на официјалниот дел од состанокот, претседателот Иванов за своите гости ќе приреди вечера во еден скопски хотел. На менито се традиционална македонска храна и домашни вина, а ќе ги забавува македонскиот бенд Баклава, со нивни авторски и изворни македонски песни.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на иницијатива на претседателите на Словенија и Хрватска. Називот на ицијативата е поради споделената идеја на претседателите на двете земји, на Брдо кај Крањ се одржува првиот состанок на лидерите од регионот, а Бриони, е во чест на ко-организаторот и партнерот во иницијативата, Хрватска.

Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

 

Извор: МИА

Би те интересирало и

Промовирана Стратегијата за образование: Целосна реформација на образовниот систем до 2025 година

Целосно реформирање на македонскиот образовен систем во следните седум години – ова е целта на ...

25 години ФООМ:Отвореното општество во Македонија исправено пред предизвици кои треба да ги надмине

  Македонското општество од една фаза на децениско перманентно затворање, почнува да се отвора и ...