Уште три дена за предавање на мандатот, кабинетите на Иванов и на Заев ги усогласуваат гаранциите

Сѐ уште не е усогласен текстот со гаранциите кои претседателот Ѓорге Иванов ги бара во однос на унитарноста и неменување на Уставот за да го предаде мандатот за формирање на влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Иванов бара и прецизен став за откажување од барањата кои се дел од платформата на трите партии на Албанците во Македонија.

Усогласувањето е почнато пред неколку дена, но очигледно е дека текстот со гаранциите кои СДСМ и коалициските партнери ги нудат сѐ уште не го задоволуваат шефот на државата.

Рокот за предавање на мандатот истекува на 19 мај. Се споменува и некакво службено патување на претседателот на 18 мај, па можно е средбата меѓу Иванов и Заев да се одржи денес или утре.

Претседателот на Собранието Талат Џафери веќе најави дека ако до 19 мај Иванов не му го даде мандатот на Заев, на 20 мај ќе се одржи собраниска седница на која ќе се избере новата влада.

Веднаш по објавувањето на одлуката во Службен весник за избор на новиот претседател на Собранието, на 9 мај беше испратено и писмото на Џафери до Иванов за формирано собраниско мнозинство. Според Уставот, „претседателот на Република Македонија е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието“.

На 10 мај претседателот Иванов го повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со коалициските партнери, да обезбеди гаранции за зајакнување на унитарноста на државата, а за давањето на мандатот за составување нова влада вели дека „ќе постапи во согласност со Уставот и со досега воспоставената практика“.

За СДСМ нема ништо спорно во програмата на новата влада која е веќе објавена и која ја гарантира унитарноста на Македонија и зачувувањето на Уставот.

„Претседателот Иванов очекува од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека заедно со коалициските партнери ќе обезбеди гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија. Претседателот Иванов останува на ставот дека такаречената платформа од Тирана, ниту кој било друг документ, акт или дејство спротивни на Уставот на Република Македонија, не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање и за дејствување на влада во Република Македонија. Македонскиот претседател, во однос на определувањето мандат, ќе постапи во согласност со Уставот и со досега воспоставената практика“, соопшти тогаш кабинетот на Иванов.

Превземено од: МКД

Би те интересирало и

Бејли: Јас не го почнав случајот со ДИК

На денешното предавање за корупција пред студентите на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“  во ...

Штитеничка од Велес од неделата го напуштила Домот за стари лица во Прилеп

Од неделата попладне четириесет и деветгодишната Каролина Арсова од Велес, која од 2013-та година била ...