УЈП го поедноставува поднесувањето годишни даночни пријави

Поедноставна процедура за пријавување и плаќање на персоналниот данок на доход – ова го најавува Управата за јавни приходи, од каде велат дека интензивно работат на нови даночни реформи. Со новите даночни реформи кои ги најавуваат од УЈП ќе се изменат  досегашните начини на пресметка, пријавување и плаќање на персоналниот данок од страна на фирмите, граѓаните и сметководствените бироа.

Новата в.д. директорка на Управата, Сања Лукаревска истакнува дека од следниот месец, ќе започнат со активности за вклучување на сите засегнати страни во креирањето и тестирањето на даночните реформи што ќе следуваат.

„Една од позитивните промени, кои се очекуваат да ги донесе новиот систем, е укинувањето на годишните извештаи за персоналниот данок на доход и воведување електронска услуга Е-персонален данок, преку која граѓаните и фирмите ќе можат тековно да вршат пријавување, пресметка и плаќање на персоналниот данок“, информира Лукаревска.

Лукаревска најавува и  издавање на претпополнета годишна даночна пријава по елекронски пат:

„УЈП да ги пополнува пријавите, а граѓаните само да ги верификуваат податоците. Реформите во даночниот систем се неопходни“.

Инаку проектот за поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персоналниот данок е финансиран од ЕУ ИПА фондовите и од Буџетот на Република Македонија. Истиот, нагласуваат од УЈП, ќе овозможи намалување на административните трошоци, поедноставување на постапките за пријавување, поднесување на пресметки и плаќање на персоналниот данок од страна на граѓаните и правните лица, како и подобрување на доброволната наплата на данокот преку обезбедување на поголема сигурност и системска контрола за следење на плаќањата на данокот од страна на исплатителите – фирмите.

 

Вања Мицевска

Додади коментар

Би те интересирало и

Заев: 35.000 работници ќе летуваат на сметка на државата

Работниците со ниски плати да летуваат на сметка на државата во некои од нашите туристички ...

Заев и Царовска во посета на текстилни фабрики во Штип

Претседателот на Владата Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска ...

Close