ФБИ уапси повеќе од 40 мафијаши на Источниот брег од САД

FBI_bg-408x264

Американското државно обвинителство соопшти дека покренало обвиненија против 46 наводни мафијаши, откако неделава беа уапсени во координирани акции на Федералното истражно биро (ФБИ) долж целиот Источен брег на САД, јави Танјуг.

Уапсените се обвинети за водење криминална организација која делувала од Масачусетс, па се до Флорида, а се занимавала, меѓу другото, со изнуди, подметнување пожари, измами, илегално коцкање, трговија со оружје и физички напади, пренесуваат француските медиуми.

Полицијата се сомнева дека уапсените се поврзани со мафијашките семејства од Њујорк со сицилијански корени – Џеновезе, Гамбино, Лукезе и Бонано, како и со семејните криминални групи од Филаделфија.

Оваа акција на ФБИ покажа дека италијанската мафија е се уште жива и во 21-от век, а не е само дел од холивудските филмови.

Меѓу уапсените има припадници на повеќе генерации, на возраст од 24 до 80 години, а некои од нив имаат многу живописни прекари, како „Мускулестиот“, „Мустаклијата Пет“ и „Влекач“.

„Обвинението наликува на роман за мафијата од старата школа, во кој изнудите, илегалното обложување, подметнувањето пожари и заканите дека некој ќе биде ’скинат’ се изведуваат на истиот начин како и помодерните кривични дела како кражбата на податоци од кредитни картички“, изјави претставникот на ФБИ, Диего Родригез.

– Меѓутоа, апсењето на повеќе од 40 мафијаши денеска докажа дека тоа не е само фикција, истакна тој.

Најмалку 39 осомничени се уапсени денеска, а тројца веќе беа во притвор. Се очекува уште еден криминалец да и се предаде на полицијата во „следните неколку дена“, додека тројца се се уште во бегство, наведува претставникот на ФБИ.

Би те интересирало и

ЕП: 10 евра за влез во ЕУ за граѓаните со безвизен режим од 2020 година

Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент денеска го усвои предлогот на Европската комисија за ...

Пуџдемон до 10 часот мора да одлучи за независноста на Каталонија

Мадрид му даде рок на Пуџдемон до денеска изутрина да даде прецизен одговор дали прогласува независност ...