Филхармонијата нема технички прием оти ќе се гради уште најмалку пола година

Со првиот свечен концерт во новата концертна сала синоќа диригираше славниот маестро Владимир Ашкенази од Русија, а како солист настапи македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески (Фото: СДК.МК)

Објектот на Македонската филхармонија, кој во неделата се отвори со првиот свечен концерт, нема да биде готов уште најмалку половина година, велат вработените. Според нив, комплетирана била изведбата само на деловите кои се гледале на синоќешното свечено отворање, во останатите делови сѐ уште се работи па затоа и не можел да се направи технички прием на објектот.

„Реално, не може да се направи технички прием затоа што конструкцијата не е уште завршена. Сега за сега се завршени само влезните скали, ходникот до главна сала и главната сала, чисто за да се појават Груевски и екипата и да кажат дека они го направиле. Инаку, објектот нема да биде во целост готов во наредните 7-8 месеци“, објаснуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК  извори од Филхармонијата кои сакаат да останат анонимни бидејќи не се овластени да даваат информации за јавност.

Тие што се овластени да зборуваат, упорно ги игнорираат нашите прашања зошто објектот беше пуштен во употреба без технички прием. Дури, на денот на отварањето не беше впишан ни во катастар.

Вработени во Филхармонијата велат дека комплетирана била изведбата само на деловите кои се гледале на синоќешното свечено отворање, во останатите делови сѐ уште се работи па затоа и не можел да се направи технички прием на објектот (Фото: СДК.МК)

За свеченото отворање беа во функција само два тоалета за гостите, два тоалета за музичарите и неколку гардероби. Објектот целиот не е во функција, на малата сала уште се работи, а во неделата за момент беа тргнати скелињата во меѓупросторите.

Во недовршената зграда се одржа првиот свечен концерт, со македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески и славниот диригент Владимир Ашкенази од Русија, а билетите се продаваа по цена од 2.500 и 3.000 денари. Следниот концерт на Филхармонија е најавен за 1 јуни со гостување на британскиот диригент Тимоти Редмонд, и ќе биде во новата концертна сала.

Извод од катастарот со датум од 20 мај, 2017 според кој на парцелата каде што е изградена Филхармонијата има камењар од 3.347 метри квадратни и земјиште под зграда од 65 метри квадратни

Министерството за транспорт и врски два дена по отварањето на зградата не сака да одговори на прашањата за техничкиот прием на Филхармонија. Ова Министерството, согласно Законот за градење, треба да формира комисија која ќе направи технички преглед на објектот и извештај за состојбата врз основа на кој треба да се издаде одобрение за употреба.

Молчи и Министерството за култура. Не одговара на прашањата дали побарале од Министерството за транспорт да изврши технички преглед на Филхармонијата, ниту пак одговара зошто објектот сѐ уште не е внесен во Катастар.

Парцелата на која е изградена Филхармонијата во Катастар се води како камењар, врз која право на сопственост има Република Македонија.

Новата концертна сала со неколку паузи се градеше осум години, од март, 2009, на површина од 12.400 квадратни метри на просторот помеѓу Македонската опера и балет (МОБ) и Факултетот за музичка уметност (ФМУ). Скандал се случи во 2013, кога банкротираше австриската градежна компанија „Алпине бау“, па карабината продолжи да ја гради  скопската градежна фирма „Гранит“,  за  4, 7 милиони евра. По неколкумесечна стагнација, Министерството за култура  склучи договор со австриската  фирма „Штрабаг АГ“ за целосно внатрешно уредување на новата сала, вреден речиси 27 милиони евра.

Според датабазата на Призма за објектите на „Скопје 2014“, Филхармонија чини 39.9 милиони евра, а Груевски, кој во саботата, ден пред свеченото отворање, ја посети зградата и доби плакета од директорката Маја Чаначевиќ, рече дека чини 37 милиони евра. На поставувањето на камен-темелникот во 2009, беше најавено дека Владата во проектот вложила  6 милиони евра.

Новиот објект е изграден според идејното решение на архитектот Виктор Михајлов,  и има две сали, голема со 1.000 седишта, и мала со 310 седишта, од кои 168 се фиксни, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта. На акустиката работеше Јорг Кумел, еден од најпознатите акустичари во светот.

Извор: СДК

Додади коментар

Би те интересирало и

Беса бара СЈО до петок да ги отвори случаите Сопот и Монструм

Партијата Беса попладнево побара од Специјалното јавно обвинителство да ги покрене случаите „Сопот“ и „Монструм“ ...

Дивата депонија во Тетово се уште се пали.

  Тетовската дива депонија каде комуналното претпријатие го претовара сметот и натаму се пали. Облачи ...

Close