Франција отворена за соработка со ФЕИТ – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Франција отворена за соработка со ФЕИТ

Франција е отворена за соработка со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

На денешната средба, која се одржа помеѓу францускиот амбасадор во Република Македонија, Кристијан Тимоние, и деканот на факултетот, Димитар Ташковски, заедно со продеканите, во просториите на ФЕИТ, амбасадорот се запозна со тековните наставни, научни и апликативни активности на Факултетот.

На средбата деканот ги презентираше новите и иновирани студиски програми на ФЕИТ, кои се акредитирани од учебната 2017/2018 година. На амбасадорот, освен студиските програми, му беа претставени и меѓународните проекти на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Посебен акцент беше ставен на соработката со француските универзитети и компании од областа на електротехниката и информациските технологии. На денешната средба се презентираше и се дискутираше за концептот на „Центар за трансфер на технологии и иновации – INNOFEIT“ со кој Факултетот очекува да прерасне во центар за извонредност во областа на ИКТ сервиси за новите мрежни инфраструктури.

Францускиот амбасадор во РМ, Кристијан Тимоние, изрази отворена поддршка за сите активности на Факултетот. Тој ги презентираше можностите кои Француската амбасада во Скопје ги нуди за студентите на ФЕИТ, но не го изостави и академскиот кадар.

На средбата се дискутираше за можностите асистентите од ФЕИТ да престојуваат на некој од француските универзитети, а се потенцираше и постоењето на стипендиите кои им стојат на располагање на студентите.

Извор: Макфакс

Би те интересирало и

Заев убеден дека ќе има правна разрешница за насилниот протест во Собранието

Премиерот Зоран Заев вели дека е убеден оти ќе има правна разрешница за настаните во ...

Прилепски Комуналец е најуспешен во Македонија во селекција на отпад

Според официјалните податоци на Пакомак, Прилеп, е далеку пред другите градови во селектирањето на отпадот. ...