ФФРМ го одбележува Меѓународниот ден на руралната жена

Со мирен марш и хуманитарна акција, Федерацијата на фармери (ФФРМ) и Мрежата за рурален развој денеска во Ресен и Отешево ќе го одбележат 15 октомври, Меѓународниот ден на руралната жена.

Целта е да се истакне потребата од економско јакнење на руралната жена, нејзино поголемо инволвирање во креирањето на земјоделските политики, како и заедничката борба против дискриминацијата и традиционалните бариери кои најмногу прават проблем во едукацијата и развојот на руралните жени.

Маршот ќе почне напладне, во 12 часот, а потоа прославата продолжува во Отешево во 13:30 часот со хуманитарна акција. Собраните средства од акцијата ќе се наменат за сиромашно семејство од Преспа.

Денот на руралната жена во Македонија се одбележува со два дена задоцнување поради локалните избори, а во организацијата, покрај ФФРМ и Мрежата за рурален развој, е вклучено и Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен, членка на ФФРМ. На двата предвидени настана ќе присуствуваат жени-земјоделци, но и претставници на научни, образовни и други институции кои соработуваат со руралното население.

Денот на руралната жена годинава е под мотото „Предизвици и можности за прилагодување на земјоделството на климатските промени за родова рамноправност и зајакнување на руралните жени и девојки“.

– Во земјоделството, климатските промени ги влошуваат постојните бариери за родова еднаквост со кои се соочуваат жените-земјоделци. На глобално ниво, жените сочинуваат 43 проценти од земјоделската работна сила и играат клучна улога во поддршката на безбедноста на храната во домаќинствата и во заедницата. Меѓутоа, поради дискриминаторски политики или нееднакви социјални норми, жените-земјоделци имаат помал пристап од мажите за да обезбедат сопственост на земјиште,  финансирање, вода и енергија, соодветна инфраструктура, технологии и услуги за проширување – се вели во пораката на UN Women.

Би те интересирало и

Невладините се’ уште немаат официјален одговор за завршницата на истрагите за нивната работа

Дваесетината невладини организации чија работа беше предмет на истрага, се’ уште немаат официјални информации за ...

Македонец од Мелбурн потрошил 300.000 долари од донации на алкохол и на гаќи

Пензионерот Борис Трајков (76), поранешен новинар во македонската редакција на австралиското државно радио за националностите ...