Хрватски фотограф ги документира урнатините на Југославија

Борко Вукосав вели дека бил роден во земја со две азбуки, три јазици, четири религии, пет националности и шест републики. Југославија повеќе не постои, но нејзините приказни повторно живеат преку фотографиите на Борко.

Кога ќе го прашате за фотографиите, Борко Вукосав вели дека почнал да ги прави од љубопитност. „Ми беше важно да ја документирам таа ера бидејќи почувствував дека има дел од историјата кој никој не сака да ја допре“, вели тој кога почнавме да разговараме за неговата сѐ уште недовршена серија наречена „Некогаш беше“. Во неа се документирани остатоците на еден од најсмелите политички проекти во 20-от век – поранешна Југославија – која се распадна по Студената војна и која страдаше од екстензивна деструкција во период долг една деценија во војните кои започнаа пред 26 години.

„Овој проект не е мотивиран од решавање на стари долгови со земјата која повеќе не постои. Заинтересиран сум за историскиот дијалог затоа што се чини дека никој не сака да го има“, вели Вукосав, иако, како што може и да се види од интервјуто кое го даде за ДВ, тој не негира дека е поттикнат и од лична мотивација.

Одморалиштето Купари кај Дубровник, некогаш и сега

ДВ: Какво беше искуството да се расте во Југославија?

Борко Вукосав: Роден сум во 1984 година, седум години пред да почнат војните во Југославија. Бев дете и ја сакав државата. Зошто не би ја сакал? Сепак, пропагандата ни кажуваше дека Југославија е најдобрата земја во светот. Се беше перфектно и сонцето сјаеше.

Не знаевме ништо за политичките проблеми, иако сите чувствувавме дека времињата се менуваат. На пример, јас бев од првата генерација на ученици кои не морааа да се зачленат во унијата на пионери. Но немаше интернет, државните вести беа единствениот извор на информации. Моите чувства кон државата беа недефинирани, но многу позитивни.

Дали се сеќаваш на моментот кога сето тоа се смени?

Едно утро излегов да играм фудбал, беше 1991 година. Пеев песна и се сретнав со еден другар. Му реков „Здраво“, а тој ми одговори: „Не смееш да ја пееш таа песна повеќе!“. Го прашав што мисли со тоа? Тоа беше српска народна песна – тој само ми одговори, „Ти си Србин!“.

Бев многу збунет затоа што не знаев што е Србин, јас бев роден како Југословен. Кога дојдов дома, мојата мајка ми кажа нешто како „Заборави на тоа“, но на овој начин за мене почна војната.

Воената база Жељава- подземниот аеродром изграден во 1968 година денес е целосно напуштен.

Зошто тој мислеше дека си Србин?

Поради моето презиме. Јас сум роден во Дубровник и целото мое семејство потекнува од таа област, но моето име звучи српско и покрај фактот дека истото потекнува од Црна Гора. Кога моите прадедовци ја напуштиле Црна Гора и се преселиле во Војводина во Србија тие го промениле презимето, но никој во мојата фамилија нема српски предци.

Кога започна војната, станавме Срби, едноставно со една владина одлука. Одеднаш бевме непријатели на нашите пријатели и соседи. Мојот брат и јас постојано бевме физички малтретирани, луѓето ни велеа да скапеме во пеколот, специјални сили дојдоа во нашата куќа затоа што во Хрватска имаше план Србите да бидат елиминирани засекогаш. Мајка ми секогаш ми велеше ако некој ме праша за моето презиме, дека едноставно треба да лажам.

Единствениот останат авион во близина на базата Жељава

Дали беше можно да се спротивставиш на одлуката?

Беше можно, но моите родители, двајцата се идентификуваа како Југословени, беа горди на тоа наследство. Доколку протестирав, тие би се чувствувале како да одам против тоа.

Претпоставувам дека вашето семејство има многу позитивни врски со Југославија.

Мојот татко беше философ, мојата мајка е учител по математика, и тие ја сакаа земјата. Но, двајцата беа образовани и не ја идеализираа. Моите баба и дедо, од друга страна, беа партизани кои се бореле против нацистите за време на Втората светска војна. Тие сите веруваа во Југославија – дури и мојот дедо кој помина три години на Голи оток како политички затвореник.

Заборавената битка- Споменик на убиените Срби на Петрова Гора од страна на усташкиот хрватски режим.

Зошто беше затворен?

По Втората светска војна, да се пријави некој кај властите дека шпиунирал беше многу лесен и ефикасен начин за да се ослободите од таа личност. Можеше само да кажете дека сте го слушнале дека зборувал против Тито, и тоа беше крај. Голи оток беше пекол на земјата. Но, и покрај таквото искуство, мојот дедо остана верен на идејата за Југославија. Тој рече дека секогаш ќе има ужасни луѓе во светот, но тој веруваше во земјата како целина.

Дали сте биле на Голи оток за време на своите патувања?

Сум бил, но не сум подготвен да ги споделам фотографиите. Мислам дека треба да одам таму барем уште еднаш.

Политичката школа во Кумровец- родното место на Јосип Броз Тито. Денес е оставена на забот на времето.

Какво е чувството да се патува низ поранешна Југославија, посетувајќи ги напуштените места?

Тоа е необично, бизарно искуство. Кога прашувате луѓе кои живеат во близина на зградите или локациите, тие велат дека не знаат ништо за нив-како никогаш да не постоеле. Потоа, ги барате сите тие архитектонски чуда кои биле изградени од политичката елита на земјата или за да ја претстават супериорноста на Југославија меѓу другите нации и се што гледате се рушевини опколени од целосна тишина. Застрашувачки е, но истовремено и соодветно.

Според мене, ние Балканците, сме неспособни да имаме конструктивен дијалог за работите од минатото. Луѓето не сакаат да бидат потсетени за нивниот неуспех. Еден ден имавме држава, следниот ден ја немаше. Зошто? Како? Дали се беше лажно? Никој не знае.

Дел од фотографиите на Борко Вукоасв во рамки на серијалот „Некогаш беше“ ќе бидат изложени на фестивалот Формат во Дерби, Велика Британија од 24 март до 23 април.

Извор: DW

Додади коментар

Би те интересирало и

Шешељ: Не се враќам доброволно во Хаг

Воислав Шешељ рече дека на повикот од Хашкиот трибунал да присуствува во завршните зборови во ...

Судири меѓу атинската полиција и група учесници во протестен марш

Во Атина избија помали судири меѓу грчката полиција и група млади учесници во протестен марш, ...

Close