Честитка од претседателот Иванов по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

„На 11 октомври 1941 година, пред точно 76 години, Македонија го избра патот на борба против најголемите зла во историјата на човештвото – фашизмот и нацизмот. Свесен дека вистинската слобода за Македонија не може да биде измолена и подарена, туку само со борба освоена, македонскиот народот заедно со сите чеда на Македонија ја започна Народноослободителната борба. Во оваа борба, народот на Македонија се препороди и се почувствува слободен да си ја земе судбината во сопствените раце.

На овој ден се потсетуваме на нашите партизани кои чекорејќи по патот кон слободата се соочија со многу маки и премрежија, и притоа покажаа невиден хероизам и искрен патриотизам. На овој тежок пат, тие се водеа од три вредности – слободата, правдата и човечноста кои ги вградија во темелите на македонската држава. Нашите славни предци во наследство ни ја оставија скапо платената слобода и државност на Република Македонија. Наша должност е да ја сакаме, чуваме и унапредуваме, за да им ја предадеме на нашите потомци.

Затоа, да останеме верни на македонската традиција на соживот и почитување на различноста. Да вложуваме во довербата и во почитта што го држат нашето општество сплотено. Да продолжиме да градиме демократска, просперитетна и европска Република Македонија. И притоа, постојано да ги имаме на ум вредностите кои нè движат и како луѓе и како општество, а тоа се слободата, правдата и човечноста“, вели претседателот Иванов во честитката по повод Денот на народното востание, 11 Октомври.

Би те интересирало и

Луиза Винтон: Една од три жени изложена на некаква форма на насилство

Една од три жени или девојчиња е изложена на одреден облик на насилство во глобални ...

Револтирани работници реагираа пред капиите на Фени: Сметаат дека им се пласираат лажни информации

Револтирани работници денеска реагираа  пред капиите на Фени дека им се пласираат лажни информации од ...