Чиста препорака од ЕК за започнување на преговорите, но и порака за итно решавање на спорот за името – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Чиста препорака од ЕК за започнување на преговорите, но и порака за итно решавање на спорот за името

Прашањето за името треба да се реши како прашање на итноста – истакна евроамбасадорот, Самуел Жбогар непосредно откако еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан соопшти дека Европската комисија му препорачала на Европскиот совет да почне пристапни преговори со Македонија.

Евроамбасадорот Жбогар тврди дека Европската комисија е охрабрена од дискусиите меѓу Македонија и Грција и додава дека добрите меѓусоседски односи се важен принцип за Европската унија.

„Прашањето за името треба да се реши како прашање на итноста. Разговорите во однос на името се олеснети под чадорот на Обединетите нации и соодветно се преземени мерки за зголемување на взаемната доверба. ЕК испорача, вели дека е направен напредок во изминатите 18 месеци. Добрите меѓусоседски односи се важен принцип. Во извештајот прашањето за името е дефинирано како нешто кое итно мора да се реши. Комисијата е охрабрена од дискусиите меѓу двете страни. Преименувањето на аеродромот и на автопатот е споменато како мерка за градење на доверба. Преговорите продолжуваат и понатаму“, изјави Жбогар на денешната прес конференција во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали е реално да очекуваме Европскиот совет да донесе каква било одлука без да се реши спорот за името, Жбогар рече дека предлага да се оди чекор по чекор:

„Предлагам прво да одиме чекор по чекор. Имаме јасна препорака и двете земји преговараат во однос на името. Ајде да почекаме и да видиме како тие преговори ќе течат, со надеж дека ќе донесат резултат. Имаме уште некој месец додека земјите членки да седнат да одлучуваат“.

Потребни се одржливи напори за правосудните реформи. Тоа ќе одземе време, но ќе бара и промени на однесувањето. Корупцијата останува сериозен проблем. Треба да има посериозна борба спрема одредени видови криминал. Досието во однос на гонењето треба да се подобри во случајот на организиран криминал“, додаде на денешната прес конференција Жбогар, поздравувајќи ја притоа и одлуката на опозицијата за враќање во Парламентот.

Тој кажа дека извештајот е критички настроен, но содржи и позитивни препораки за напредок.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Градоначалникот Јованоски ги прими и им врачи подароци на трите топ менаџерки од Прилеп

Градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски претпладнево во својот кабинет оствари прием за трите прилепчанки менаџерки:Ирена ...

Времен сообраќаен режим на дел од автопатот Велес-Катланово

Времен режин на сообраќај ќе се воведе од утре до 10 мај на автопатот А1(Е-75) ...