Чистка во Кривичниот суд – отстранети сите судии кои прифатија барања на СЈО, унапредени тие што го кочат

Хаос и револт го тресат Основниот суд Скопје 1 каде што стигаат предметите од Специјалното обвинителство, откако в.д. претседателката Татјана Михајлова направила нов Годишен распоред на судии со кој спровела чистка на судиите на кои предметите на СЈО не смеат ни случајно да им паднат во раце, дознава порталот СДК од извори во Кривичниот суд.

Фото: Академик.мк

Дваесетина судии, меѓу кои и такви со подолг стаж во Кривичниот суд, од необјаснети причини се преместени во Судот за прекршоци во Градскиот парк.

Годишниот распоред, тврдат прераспределените судии кои вчера го добиле документот велат дека иако распоредот се уште не е потпишан од претседателката на судот, ова не само што е преседан, туку е незаконска бомба за минирање на правдата во судот.

Со новиот распоред на судии настрадале судиите од претходна постапка Весна Димишкова и Славица Андреевска. Димишкова, која порано беше судија во организиран криминал е судијката што издала наредба за претрес од страна на СЈО во Управата за безбедност и контраразузнавање. Сега е преместена во одделот за малолетници.

Славица Андреевска е судијката што му одреди притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески, и ја замрзна сметката на фирмата Финзи на покојниот сведок на СЈО Коста Крпач. Таа е преместена да суди предмети по стариот ЗКП. Тоа бришење е направено со цел да нема ни најмалата веројатност неа повеќе да не и се падне предмет од СЈО, велат од судот нашите извори.

Настрадале буквално сите 13 судии кои поднесоа петиција против Владимир Панчевски и кои потоа беа викнати да дадат изјави и во Судскиот совет.

Долгогодишниот кривичар, судијата Седат Реџепагиќ е преместен во Судот за прекршоци. Однесена во Прекршоци е и Марија Клетничка. И таа е потпишана на петицијата против Панчевски.

Судијката Оља Ристова од Кривичниот дел повторно е вратена во Судот за прекршоци. Таа е судијката која се изјасни дека Кривичниот совет во судот е ненадлежен да одлучува дали бомбите на опозицијата можат да се користат како докази во постапките што ги води СЈО во овој суд. Втор пат е прераспределена поради пишувањето на брат и на Фејсбук против в.д. претседателката Михајлова.

Експретседателот Владимир Панчевски и кандидат за нов претседател на Кривичниот суд, пак, распореден е за судија во одделот за организиран криминал, каде што се судат предметите на СЈО.

Наградена е и судијката Лидија Петровска, од бомбите позната како „сваровски судијката“ која го води судскиот процес на СЈО против ексначалникот на УБК Горан Грујовски. Таа од кривичниот оддел за предмети по новиот ЗКП, преместена е до Панчевски, во организиран криминал.

Наградена е и судијата Моника Бахчовановска, сопруга на Владимир Бахчовановски, висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ. Таа заедно со Панчевски и Михајлова, поднесувала претставки до Советот за утврдување н факти за разрешување на нејзини колеги судии. Таа од Судот за прекршоци, прераспоредена е во кривичен судија за предмети по новиот ЗКП.

Награден е и судијата Александар Милошевски, кој и е близок пријател на Александра Зафировска од Судскиот совет. Откако Советот во кој била Оља Ристова одбил да се изјасни за бомбите, нов совет во кој бил Милошевски заедно со Владимир Панчевски и судијата Сандра Крстиќ изгласале дека бомбите не може да се земат како доказ. Сега Милошевски ќе биде судија во претходна постапка за организиран криминал и ќе ги добива предметите од СЈО.

Судијата Ѓоко Ристов, кој одбивал наредби е тргнат од организиран криминал. На негово место е ставен судијата ивица Стефановски, кој ќе го преземе случајот “Поткуп“ против Зоран Заев. Тој беше судија во случајот “Пуч“, од кој СЈО се откажа.

На местото на Ристовски доаѓа „сваровски„ судијката Лидија Петровска, но таа не ги презема предметите од него, туку од Стефановски. Целта е Стефановски како човек од најголема доверба на Панчевски да го суди Заев, тврдат изворите на порталот СДК.

 

Текстот е преземан од: Либертас

Додади коментар

Би те интересирало и

Костов: ГОБ „8 Септември“ оставена со долг од околу 5 милиони евра

Долгови на болницата од околу 5 милиони евра или 243 милиони денари кон разни фирми, ...

Гори депонијата во Тетово

Од утринава нешто по 8:30 часот гори депонијата на влезот во Тетово кај железничката пруга ...

Close