Шведското Обвинителство ја прекина истрагата против Џулијан Асанж

Шведското Јавно обвинителство денеска соопшти дека одлучило да ја прекине истрагата против основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во врска со обвинувањата за силување.

– Јавниот обвинител на Шведска Марјан Њу реши да ја прекине истрагата против Џулијан Асанж за тврдењата за силување – се наведува во соопштението на Обвинителството.

Со ова, најверојатно се става крај на седумгодишната правна борба меѓу 45-годишниот Асанж и шведското Јавно обвинителство.

Шведските правосудни власти покренаа европска потерница против Асанж во 2010 година, откако две Швеѓанки, негови поранешни соработнички, го обвинија за сексуално насилство и за силување што наводно се случило во август истата година. Тој ги отфрлаше ваквите обвинуваа тврдејќи дека се „лажни“ и дека зад нив се крие намерата да биде екстрадиран во Шведска, која потоа би им го предала на САД, каде е обвинет за објавување на украдени илјадници тајни и доверливи дипломатски и воени телеграми, писма и фајлови преку неговата мрежа „Викиликс“.

Според шведските закони, Асанж мораше да се појави на сослушување во суд во Стокхолм во врска со обвинувањата на двете жени, но против него официјално не беше покренато обвинение од страна на Јавното обвинителство на Шведска.

Овој поранешен австралиски хакер две години се криеше во Лондон и настојуваше да биде спречено неговото екстрадирање во Шведска, но кога во 2012 година британскиот Врховен суд пресуди Асанж да биде предаден на шведските власти, тој побегна од куќата во која судски му беше одредено да престојува и се сокри во Амбасадата на Еквадор во британскиот главен град.

Владата во Кито пред пет години му даде политички азил, но британските власти соопштија дека доколку Асанж се обиде да излезе од зградата на Амбасадата за да отпатува за Еквадор, ќе биде уапсен и префрлен во Шведска.

Асанж одлучи да остане во еквадорската Амбасада безмалку пет години.

Шведското Обвинителство во 2015 година се откажа од едното од делата за кои беше осомничен, тоа за сексуален напад, затоа што измина рокот од пет години, период во кој осомничениот требаше да биде сослушан. За второто обвинување за силување, рокот во кој може да биде сослушан пред да се затвори делото изнесува десет години и требаше да се истече во 2020 година. Но, и покрај ваквата одлука на шведското Обвинителство, британската полиција соопшти дека Асанж сепак ќе биде уапсен доколку ја напушти еквадорската Амбасада во Лондон.

Одлуката за откажување на Обвинителство од Стокхолм од истрагата против Асанж доаѓа само 24 часа по ослободувањето на поранешниот американки војник Бредли Манинг, кој сега е жена и се нарекува Челси, од воениот затвор во Канзас во САД.

Бредли (Челси) Манинг му ги предаде на „Викиликс“ сите документи што ги имаше украдено и тие беа објавени на интернет и во пет светски познати весници.

Би те интересирало и

И советничката за односи со јавноста го напушти Трамп

Советничката на Трамп за односи со јавноста, Омароса Маниголт Њуман, поднесе оставка. Според Белата куќа, ...

Бездомник исчезнал со 300.000 евра oд парискиот аеродром

„Совршено злосторство“ – вака француските медиуми го опишуваат случајот со бездомникот што исчезнал со 300.000 ...