Штип – Со Ад-хок мерки не се решава сообраќајниот хаос

soobrakjaj2

Центарот на Штип, се гуши во сообраќаен хаос. Во шпицовите, од Штипско Ново Село до Траговскиот центар се патува повеќе од дваесетина минути.

Сообраќајот моментално во попладневните часови е голем хаос.Преоптоварени се улиците, има премногу сообраќај, премногу коли. .. Гужва ,градот  ни е пренатрупан со многу со возила.Има и многу возила од страна што доаѓаат, студентски град сме… Најголемиот шпиц е од 7 до 7.30 часот претпладне и од 14 до 15.30. Не по десет, дури и по 15 минути,може да се стои во место – сметаат штипските таксисти, како најдиректни учесници во сообраќајот.

„Зголемениот број на возила и специфичноста на улиците во овој дел на градот, го прави хаосот уште поголем. Сите општински  власти, проблемот го решаваат парцијално,наместо долгорочно“, смета Роберт Рогожарски, претседател на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и член на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.

,,Во еден период, беше направен еден напор од страна на општината да се изготви еден сообраќаен проект, беа вклучени некои проектантски куќи,кои одвивањето на сообраќајот го пласираат до 2020 година.Меѓутоа како што можете да видете овој период многу бргу измина, а во суштина промени во хаосот немаме“, вели Рогожарски.

1m

Еднонасочниот сообраќај уште повеќе ја зголеми гужвата

Според граѓаните воведувањето на еднонасочниот сообраќаен режим во центарот на градот, уште повеќе ја зголеми гужвата. Рогожарски вели дека тогашното општинско раководство не ја прифатило препораката на Советот за безбедност во сообраќајот, кога веќе се воведува овој вид на сообраќаен режим, тоа да се направи на начин што ќе го оправда неговото воведување.

,,Апелирано беше од наша страна, надлежните органи при доделувањето на најразлични дозволи за работа на објектите покрај овие улици да бидат рестриктивни и да не се дозволува концентрација поголема од таа што е во тој момент, бидејќи со самото тоа ќе се створи уште поголем хаос. Од предложениете мерки, тогаш буквално не беше преземено ништо, од ниедна од досегашните надлежни структури во овие периоди, така што сметам дека тогашниот предлог веќе ја изгуби смислата“, вели претседателот на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот.

Платеното паркирање само делумно ја расчисти хаосот

Ни воведеното платено паркирање во центарот на градот,не го намали сообраќајниот хаос.Не само улиците во Центарот, со возила се преполнија и споредните улици и улички ,каде нема платен паркинг, па движењето по нив стана уште покомплицирано.

,,Кога се дозволи паркирањето покрај реката Отиња, беше идеја да се прибере моменталниот сообраќај од сите оние функции на градот кои моментално постоеја. Кога беа давани тие предлози Универзитетот, не беше во план , значи не можевме да го предвидиме, тој настана подоцна а и сега не можеме да го игнорираме како бројка, бидејќи премногу голем број на луѓе и возила ни влегоа во градот и со самото тоа направи хаос.,,-вели Рогожарски.

Директорот на ЈП Стипион, Игно Иванов смета дека со воведувањето на платеното паркирање, делумно е намален сообраќајниот хаос во центарот на градот, но дека е потребно едно долгорочно решение.

parking

,,Делумно помогна со воведувањето на платениот паркинг да се среди хаосот, меѓутоа самите улици ни се претесни, а имаме и голем број на луѓе кои работат во централното градско подрачје, па така сите тие имаат потреба да дојдат тука и да си ја вршат својата работа. Во даден момент имаме пребукираност во местата за паркирање кои што се  резервирани како паркинг места од Советот на општината па доаѓа до ситуација возачите да не можат да најдат слободен паркинг простор.Знаеме какви ни се улиците, знаеме каква ни е структурата на градот. Единствено решение во овој момент е  да се најде инвеститор, да се направи една катна гаража. Тоа би помогнало да се реши  сообраќајниот хаос,во централното градско подрачје, но за тоа за сега нема ниту најава, а нема ниту пак локација“, смета Иванов.

Од најавениот градски сообраќај остана само ветување

Иако на почетокот на мандатот на оваа локална власт беше најавено воведување на автобуски градски сообраќај, и вклучување со субвенционирање на билетите, се’ остана во рамките на една неостварена идеја. Одговорот што деновиве го добивме во општината е дека  од воведување на градски сообраќај засега нема ништо. За разлика од Штип,во соседната општина Кочани, пред три години воведен е автобуски градски сообраќај. Одлично функционира, добро е прифатен, уште повеќе, што дел од цената на билетот се субвенционира од општинската каса. Евентуалното воведување на градскиот сообраќај во Штип, би го намалил сообраќајниот хаос во градот, смета Рогожарски, но за тоа сепак би требало да се направи една сеопфатна анализа. Таква анализа засега нема.

2

,,За да го ослободите централното градско подрачје од прекумерниот број на возила, можеби едно од решенијата е и воведување на градски сообраќај. Сите возила би дошле до една точка, а во центарот би се движеле со градски сообраќај. Ова е едно хипотетичко поставување на проблемот. Не мора да значи решение, меѓутоа воведувањето на градскиот сообраќај би значело растеретување на одредени делови на градот. Ако вие имате редовен градски сообраќај, со редовна линија, во точно определено време, со евтин превоз, ќе имате и луѓе кои што ќе го користат.Ако има евтин и редовен градски превоз, сигурно нема да дојде некој од пооддалечените делови од градот со возило и да мисли дали ќе треба да го плати паркингот, каде ќе се паркира и дали нема да добие казна затоа што се паркирал некаде каде што не треба“, образложува Рогожарски.

Како и да е, засега локаната самоуправа го нема решението,за сообраќајниот хаос.Во меѓувреме,градот се гуши, а возачите на 14.700 возила колку што изминатат година се регистрирани, ќе се снаоѓаат како што знаат и умеат. Се ближат и локалните избори, па еве можност партиите кои што ќе учествуваат во изборната трка, во своите програми да понудат предлози и мерки  кои трајно би го решиле проблемот, кој што предизвикува големи главоболки  за штипјани.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

britanska ambasada



Додади коментар

Би те интересирало и

Ослободителна пресуда за правниот субјект СДСМ, Зоран Заев и Мартин Костовски по тужбата на Виктор Цветковски

Ослободителна пресуда по сите основи за правниот субјект СДСМ, Зоран Заев и Мартин Костовски по ...

Вилијамс прв го претстави новиот болид за 2017 – FW40 (ВИДЕО)

Тимот на Вилијамс прв пред своите конкуренти ги објави фотографиите од својот нов болид FW40 ...

Close