Јавна расправа: Досегашниот модел за музичка продукција во МРТ беше погрешен и злоупотребуван – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во етерот

Јавна расправа: Досегашниот модел за музичка продукција во МРТ беше погрешен и злоупотребуван

Досегашниот модел за музичка продукција во Македонската радиотелевизија покажа грешки и беше злоупотребуван за купување политичка послушност на уметниците – велат од Министерството за култура. Од овој ресор, најавуваат рестартирање на музичката продукција со цел создавање нови, крупни дела кои ќе ја промовираат македонската култура и на меѓународен план.

Досегашниот модел на финансирање песни преку Законот за поддршка на домашната музичка продукција покажа многу грешки. Наместо да ја поттикне, тој сериозно ја ослабна ваквата продукција – истакнаа владините претставници на денешната јавна расправа на тема „Рестартирање и ревитализација на музичката продукција на МРТ“.

Советничката за култура на премиерот Заев, Цветанка Ласкова најави законски измени за како што рече таа, враќање на идентитетот и самопочитта на културните работници и творците во институциите.

„Владата ќе настапи со законски суштински измени за враќање на идентитетот и самопочитта на култуните работници и творците во институциите. Фокусот ќе биде ставен на авторите и соодветното валоризирање на нивниот труд. Од сите институции што добиваат поддршка од државата ќе инститираме на развивање планови за привлекување на публиката.  Идејата за повторно активирање е прифатена без никакво двоумење. Музичката продукција на МРТ во нејзината славна историја има големо значење за афирмација и зачувување на трајните вредности и поддршка за создавање на препознатливи и високи музички вредности значајни за идентитетот на сите заедници во Македонија. Таа улога МРТ мора и треба да продолжи да ја остварува“.

Ресорниот министер, Роберт Алаѓозовски посочи на мерките што во оваа насока се предвидени во петгодишната Стратегија за културен развој која е во собраниска процедура:

„Ќе се отвори простор и транспарентни процедури за создавање нови, крупни музички дела, како и за претставување на нашите најистакнати уметници и ансамбли“.

Според професорот Живоин Глишиќ, музичката продукција е падната на многу ниско ниво. Тој смета дека  не се задоволуваат критериумите ниту за традиционалната, ниту за популарната музика.

„Сме изгубиле контакт со творештвото од областа на џезот, сериозната музика, детската песна. Сето тоа се елементи кои се многу значајни за музичката култура и културата воопшто во државата.  Дојдоа генерации кои не знаат дека постои музичка продукција. Имаме оркестри кои инцидентно се формираат. Кадрите кои треба да работат во музичка продукција треба да бидат писмени во насока да може да се справат со сите жанрови, во однос на создавање и поттикнување на сите вредности. Современата музика веќе нема простор ни каде да се сними, ни каде да се промовира“, додава Глишиќ.

Денешната јавна расправа се организира на иницијатива на неколку музички уметници. Ова е прва јавна расправа од ваков тип, а покрај ова, за конкретни предлози и законски измени поврзани со музичката продукција на МРТ ќе биде формирана интерресорска работна група.

 

Вања Мицевска

Би те интересирало и

Откриена ризница со монети на кралот Харалд „Модрозабиот“ на Риген

Археолози во нива на најголемиот германски остров Риген откопале вредна сребрена ризница од доцниот 10. ...

Магдалена Ризова одбележува 25 години професионална актерска кариера

Театар Комедија вечерва ќе ја изведе романтичната комедија „Дони Дарк“ по повод 25 години професионална ...