Јово Вангеловски: Има повреди на законитоста во одлуките за Кочан

Претседателот на Врховниот суд тврди дека има повреди на законитоста во судските одлуки за притвор на Сеад Кочан, и затоа се укинати. Растат сомнежи дека Врховниот суд исполнува желби на Јавното обвинителство.

„Ние не го укинуваме притворот за Сеад Кочан, туку ја цениме законитоста на одлуките на пониските судови“, изјави за Дојче веле претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Ваквото објаснување доаѓа откако постапувајќи по Барањето за заштита на законитоста (БЗЗ) доставено од Јавното обвинителство, Врховниот суд реши да ги укине одлуките на Кривичниот и на Апелацискиот суд, со кои беше изречена мерка притвор за Сеад Кочан и побарано распишување на потерница по него. Од Специјалното јавно обвинителство велат дека за одлуката ќе се изјаснат откако официјално ќе ја добијат.

Две суштествени повреди

Во правосудни кругови одлуката на Врховниот суд се оценува како „скандалозна“, а Вангеловски децидно тврди дека има повеќе повреди на законитоста, меѓу кои две посуштествени.

„При барање на мерка притвор, еден од предусловите е да се достави доказ за основите на сомневање дека е сторено кривично дело. Во случајов, од страна на СЈО не е доставен таков доказ, а Судот направил повреда на законот кога без доставен доказ одредил мерка притвор“, вели претседателот на Врховниот суд.

Тој потенцира дека треба да се има предвид и дека судија на претходна постапка првично го одбил барањето за мерка притвор. На таквото решение СЈО тогаш вложи жалба, која потоа Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја прифати, оценувајќи дека се исполнети сите услови за одредување притвор и донесе наредба за приведување на осомничениот. Според Вангеловски, при таа одлука била направена втората посуштествена повреда на законитоста.

„Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, дал правна поука дека жалбата на ваквото решение не го одложува нејзиното извршување. Тоа не е точно. Со првото поднесување жалба на решението, се одлага извршувањето на тоа решение. Тоа е јасно пропишано во членот 442 од Законот за кривична постапка. Според тоа, судот не требало веднаш да одреди притвор, ниту да бара да се распише потерница“, вели Вангеловски.

Со исто образложение тогаш реагираше и адвокатот на Сеад Кочан, тврдејќи дека неговиот клиент е слободен човек и дека не може да се смета дека е во бегство со неправосилно решение, односно, сѐ додека судот не се произнесе по жалбата на одбраната. Но, наспроти овие аргументи, беше спротивставен ставот дека кога осомничениот е во бегство, првостепеното решение за притвор е извршно веднаш.

Мешање во работата на СЈО

Во правосудни кругови суштинскиот проблем го лоцираат токму во одлуката на Врховниот суд да го прифати Барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство, а игнорирајќи го ставот на Специјалното обвинителстводека тоа е единствената институција којашто е надлежна за предметот „Труст“, во кој е осомничен Сеад Кочан.

На бројните критики дека Врховниот суд со тоа овозможил грубо мешање на Јавното обвинителство во работата на СЈО, Вангеловски вели: „СЈО има неспорна автономија. Со Барање за заштита на законитоста, Јавното обвинителство не се меша во работата на СЈО, туку ги побива одлуките на Судот“.

Но, не стивнуваат сомневањата дека токму Врховниот суд е „алатката“ преку која Јавното обвинителство „ги побива“ одлуките на пониските судови. Индиции за тоа гледаат во фактот дека Советот на Врховниот суд претрпе неколку промени во однос на членовите-судии, преку нивно разместување од страна на претседателот Вангеловски, сѐ со цел да се дојде до мнозинство кое би гласало „за“ прифаќање на Барањето за заштита на законитоста, односно за да се ослободи Кочан од мерката притвор.

Укинувањето на одлуките на пониските судови, со кои се укинува и притворот за Кочан, доаѓа по неколку дена откако Кривичниот суд по барање на СЈО го замрзна имотот и три сметки на сопственикот на „Трансмет“. Сега предметот се враќа на повторно одлучување во Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1, кој ќе треба да донесе одлука дали на Кочан повторно ќе му одреди мерка притвор или ќе остане на слобода. Врховниот суд преку официјално соопштение денеска треба да го објави целосното образложение за донесената одлука.

Сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан, е во бегство два месеца. СЈО во предметот „Труст“ го сомничи дека во 2011 година на тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаловина доставил фалсификувани документи за наводна техничка и кадровска опременост на неговата компанија и на тој начин заедно со уште две фирми незаконски наплатил 17,2 милиони евра.

Извор: DW

Додади коментар

Би те интересирало и

ЗАХАРИВ под сомение за 33.000 евра

Нема информации каде отидоа 25.000 евра наменети за граѓанските организации и 8.000 евра за социјални ...

МПЦ-ОА: По полувековно опстојување, се ближи времето за признавање на македонската црковна реалност

Светиот архиерејски синод на МПЦ – ОА во пресрет на централната прослава по повод 50-годишнината ...

Close