ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Билет во два правци

Од идеја до реализација, пат послан со трња и рози

today26/12/2018 308

Background

Имаме Фонд за иновации, но немаме фонд за патенти. Македонските иноватори го поздравуваат формирањето на Фондот за иновации, но сметаат дека не само фирмите и институциите, треба да се финансираат и поединците за да можат своите идеи да ги финишираат во патент т.е производ. Без соодветна техничко-образовна култура, нашите иноватори лесно можат да станат цел и дел на Стратегиите за иновации на други земји, сметаат македонските иноватори.
Сторија на Весна Крстева

Триесетичетири годишниот Зоран Тодоровски, познат меѓу прилепчани под прекарот Ѕ’нда, е млад иноватор, има свој патент а работи во моментов и на повеќе други иновативни проекти. Член е на СПАТУМ Прилеп од дете и тука во тој свет, го минува  своето секојдневие, постојано исполнето со нови предизвици. За да се занимаваш со иноваторска дејност во денешно време, не мора да се напушти родниот град и државата, смета Тодоровски.

-Мислам дека во денешно време, многу не зависи каде сте иноватор, бидејќи сега целото знаење е споделено на интренет. Значи начините на финансирање не зависат од дравата во која живеете, иако Македонија еве прави некои конкретни чекори за финансирање на младите иноватори.

Тодоровски смета дека последните години од страна на државата, работите одат на подобро, особено со формирањето на т.н Фонд за иновации, кој за жал ги финансира само фирмите и институциите, а не поединци кои што се занимаваат со иноваторство.

Фондовите за иновации се повеќе фокусирани на финансирање на фирми и институции. Мислам дека и поединечно, на иноваторите им се потребни средства и сметам дека со соработка со државата и преку Сојузот тоа ќе се надмине и дека тие работи ќе се дефинираат. –вели Тодоровски

Со оваа забелешка се согласува и секретарот на Сојузот на пронаоѓачите и автори на технички унапредувања СПАТУ, Веле Нелковски. Ако се направи една мала анализа во последните неколку години, ќе се види дека бројот на заштитени пронајдоци од Македонија се намалува во Заводот за патенти. Тоа не значи дека пронаоѓачите не работат, напротив, вели Нелковски, проблемот е во заштитата и немањето сили да се направи од пронајдок до прототип. Тој смета дека по примерот на Фондот за иновации треба да се формира и Фонд за прототип, кој што ќе им помага на лицата кои имаат одредени патентни решенија да ги финишираат до прототип.

Нешто слично како Фондот за иновации би требало да има и Фонд каде ќе може да се изработуваат одредени прототипови, каде што пронаоѓачите ќе можат да ги направат своите патентни решенија до фаза на прототип, до фаза на производ. Не може секој пронаоѓач да биде и бизнисмен, не може да биде менаџер, затоа што во Фондот за иновации вие можете да конкурирате со ваш пронајдок, но  ќе треба да отворите нова фирма или ќе треба во  некоја од постоечките фирми да ги убедите нивните сопственици, дека би имале одреден бенефит, ако го употребат вашиот патент.-вели Нелковски.

Агенцијата за технологија и иновации требаше да се формира пред четири години

Во стратегијата за иновации на Република Македонија 2012-2020, всушност предвидено е формирање на Агенција за технологија и иновации. Таква агенцијата која како што е предвидено во Стратегијата треба да покаже независност и потпирање врз професионални критериуми и транспарентни постапки, засега не е формирана, иако рокот за нејзиното концептирање беше пред 4 години.

Дали ваква агенција ќе се формира или не ќе покаже времето, во меѓувреме со помалку или повеќе среќа  некои од иновациите успеваат да стигнат до финиш, други остануваат  засекогаш во фиока.

Прилепчанецот Тодоровски, како член на СПАТУМ Прилеп, од каде добил огромна поддршка, успел да реализира свој сопствен патент-неврофон, помагало за лица со оштетен слух, а работи и на други проекти.

Конкретно во мојата ситуација, јас имав помош и поддршка од мојот ментор и претседател на нашето друштво Живко Чиркоски. Тој е иноватор со повеќе патенти и наградуван на повеќе нивоа. Тој мене ме воведе во тие работи, ми помогна. Иноваторите уште на почетокот се прекинати, спречени да одат понатаму само заради непознавање на таа бирократска работа, бројната документација.. Тоа и не е ништо посебно комплицирано и не чини многу пари. Со минимални средства може било кој што има идеја да ја преточи во еден патент и легално да обезбеди документација, потребна понатаму за производство.

Зоран Тодоровски – Ѕ’нда не очекува некој голем комерцијален ефект од својот пронајдок, но во тек е со можностите за финансирање  како во земјата така и во странство.

Мислам дека може да излезе некоја заработка, само што  јас не сум ги ни побарал тие патишта.Во денешно време има многу други начини на финансирање, како на пример преку Фондови што се собираат на интернет, а тука е и Фондот за иновации кој ги помага таквите старт- ап компании.

Најголемиот дел од иновациите се ИТ секторот и земјоделството

Како една од активностите  предвидена во Стратегијата за иновации, Фондот за иновации е формиран пред три години. Досега се реализирани, три повици, во тек е четвртиот. Досега се доделени 1 милион и 500 илјади евра за 37 иновативни проекти.

Според комитетот за одобрување на иновации на македонскиот фонд за иновации и развој, во Македонија има потенцијал за иновации, но недостигаат ресурси за тие проекти да излезат и на пазарите надвор од земјата, односно во Европа. Според нивните анализи најголем дел од иновациите тука се во ИТ секторот и земјоделството.

Четвртиот повик на Фондот за аплицирање за добивање на средства за иновативен проект е до 3 мај. Обезбедени се над 1 милион и 450 илјади евра, за финансирање на 15 старт ап и 10 проекти за мали и средни фирми.

Тоа значи финансиска поддршка во рамки на нивните иновативни активности.Фондот  ги поддржува, покрај финансиски помага и во преземање на ризик, затоа што секоја иновативна дејност која ја имаат компаниите  носи со себе и ризик.Самото финансирање од страна на Фондот  значи и следење на извршувањето на проектот.Нашата најглавна задача е да се поддржува иновативната дејност и преземање на голем дел од тој ризик што секоја иновација го носи со себе.-образложи Тања Илиовска – програмски консултант во Фондот за иновации, при презентацијата на четвртиот повик.

Мора да се посвети внимание на технолошки образовна култура, за љубов кон науката уште од мали нозе

Некои иноватори си ја бараат иднината надвор, сами и целосно давајќи го својот производ на странски држави кои виделе потенцијал во таквиот изум. Многумина тој пат ги води надвор од државата, нудејќи им билет само во еден правец. Сепак тоа не е случај со нашиот соговорник, прилепчанецот Зоран Тодоровски. Прилеп кој го сакам силно како Македонија, можеби не е Париз но јас го трампав светот за него, вели тој.

Би заминал да се прошетам, да ја видам и почуствувам таа средина, професионално во поголема компанија, но да заминам засекогаш, никогаш.

Во услови на засилен техничко технолошки развој, иновативната дејност е од голема важност за секоја држава па и Македонија.

Факт е дека државата треба да направи малку повеќе пред се’ за ширење на техничката култура кај младите. Овој предметот е со многу мал број часови а и го нема во повисоките одделенија. Тоа е недоволно за да се всади меѓу младите љубов кон науката. Во други држави, на пример во Австрија се прават одредени надгледни средства за во училиштата, за да можат да им ги доловат процесите на производството на децата, со цел да ги придобијат за  одредени струки по средните стручни училишта. –смета Нелковски.

Стратегијата за иновации има добри решенија кои сигурно би имале ефект доколку целосно се реализираат, во спротивно нашите иноватори лесно можат да станат цел и дел  на стратегиите на некои други држави.

Неврофонот може да се користи како додатно средство на постоечките аудио уреди, како што се смартфон или плеери. Исто така може да се користи и со помош на микрофон како средство за слушање при вербален разговор. Работи на тој начин што се става како слушалка на главата и лицето со оштетен слух ги прима аудио сигналите но не преку увото, туку преку кожата. Тоа значи дека аудио сигналот фреквентно се модулира во сигнали слични на човековиот мозок и преку кожата со електроди директно во нервниот систем ги разбира во форма на звук. Тоа е тестирано, безбедно е и не е штетно.

Неврофонот може да има и друга примена, како на пример во околина каде што е бучно и не можат да се користат класични слушалки, но тоа засега е во фаза на истражување.

Мислењата искажани во оваа содржина, не нужно го рефлектираат ставот на Канал 77 или неговиот донатор.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%