ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Зголемена локална транспарентност

Пожарите ја пеплосуваат иднината на нашите деца

today28/12/2018 60

Background

Пожарите во март, само на територијата на Пијанец и Малеш изгореа над 200 хектари шума. Сите пожари се предизвикани од човечки фактор, а штетите се бројат во милиони, но последиците се немерливи. Шумата, освен дрвна маса има и 5 илјади други општокорисни функции, а таа ги губи, поради ниската свест кај луѓето за значењето на шумите. Експертите од оваа област апелираат за превентивни мерки, бидејќи по пожарот, веќе се бројат само штетите. Алармантната состојба со пожарите во март, отвори и уште едно прашање, а тоа е опременоста на надлежните екипи за гаснење шумски пожари.

Штетите се бројат со милиони евра

Во периодот од 2004-2016 година во Делчевско имало вкупно 58 шумски пожари при што се  опжарени 1362 хектари шумска површина и изгорена дрвна маса од 73.651 м3, а вкупната штета е 1.650.256. 000 денари. Ова се податоците од Регионалниот центар за кризи во Делчево. Драган Балас, раководител на Центарот во Делчево додава и дека за период од 56 години, во март имало 27 шумски пожари, додека оваа година во истиот месец имало 17 пожари.

-Согласно со податоците што ги води РЦУК Делчево во псоледните 10 години на подрачјето на Делчево имало 246 пожари на отворен простор додека 58 шумски пожари при што е изгорена шума од 1362 хектари, потенцираше Балас.

Последици од шумските пожари

Во пожарите гори и приватен имот, но и државен, но неповратно горат и другите општокорисни функции на шумите, потенцираше директорот на ПЕ на ЈП Македонски шуми, Голак Делчево, Јордан Димитровски

-Но, мора да напоменам дека штетите не се бројат само со изгорената дрвна маса, туку и во многубројните општкорисни функции кои ги дава шумата. Штетата е огромна, овде беше млада борова шума. Затоа, апелирам до сите граѓани да внимаваат, кога ги палат стрништата, бидејќи сушниот период оди во прилог за брзо ширење на пожарите,рече Димитровски

Шумарскиот инженер Борче Бојчевски од Пехчево, последните години научно ги потврдува последиците од пожарите.

-На овој терен, сега треба да се направи санитарна сеча, бидејќи сега во оваа изгорена шума има доста штетници, може да се јават болести кои би ја зафатиле и околната здрава шума. По сечата ова ќе е голина, што значи дека следува ерозија на земјата, по што ќе се појават и поплави и ќе бидат загрозени околните патишта, но и локалното население, истакна Бојчевски.

Шумски пожари се гасат без опрема

Шумочуварот од Пехчево, Ѓорѓи Митриновски, изворно зборува како се гасат пожари и колку ризикуваат екипите, кога гасат шумски пожари.

-Ние имаме само еден џип. Кога с ејави пожар, можеби џипот е на друго место на друга задача, па чекаме да се врати. Потоа полниме вода и одиме со напртњачи кои собираат по 20 литри вода. Многу паи с еслучува ја носиме напртњачата, а таа не работи, а сме ставиле на грбот 20 литри вода, вели Митриновски.

Истиот проблем го имаат и од ТППЕ Делчево. Јонче Атанасов, командир на делчевските пожарникари, вели дека без опрема ризикот од гаснење пожари е многу поголем и понеефикасен, ако се земе предвид фактот дека во Делчево има шума која е од прв степен на загрозеност.

-Јас не знам по кој критериум Дирекцијата за заштита ги дели возилата. Ние немаме возило со кое можеме да излеземе на гаснење на шумски пожар, одиме во шума со цистерни за урбани пожари, вели Атанасовски.

-Овие екипи не располагаат со соодветно теренско возило за шумски пожари, па така, тие мора да одат и по неколку километри, за да наполнат вода во рачните пумпи кои најчесто се користат при гасење на шумските пожари. Шумските патишта се во доста лоши состојба, па сега постечките цистерни со кои располага ТППЕ Делчево, не можат да стигнат до локацијата што е доста отежнувачки фактор, бидејќи овие прскалки носат само 25 л вода, што не е доволно, рече Балас.

Општеството глуво за опасноста и последиците од пожарите

Општеството е глуво за опасноста и последиците од пожарите, вели инженерот Бојчевски, кој апелира за превентивни мерки и подигање на јавната свест кај населението за опасностите што ги носат пожарите.

-Мислам дека е во прашање нивото на јавна свест на населението и воопшто кај општеството.И затоа би повикал на конкретни мерки и активности за дејствување за зголемување на јавната свест, но и конкретни, а не само декларативни мерки од институциите. Бидејќи претходните години следиме само декларативни изјави, рече Бојчевски.

Пожарите во март го уклучија алармот за шумските пожари, но последните врнежи и студеното време во април, како да ја релативизираа проблематиката. На теренот не се случува ништо, нема информации за средби со жители во насока за подигање на јавнат свест за пожарите. Но, не треба да се заборави дека пред нас е летото, кога, по традиција, пожарите се најактивни. Дали во меѓувреме, општините и институциите кои се формирани за таа цел, освен декларативни мерки и заложби, ќе преземат конкретни чекори за сочувување на шумите кои на регионот на крајниот исток  можат да му донесат и регионален развој, е прашање чиј одговор ќе следува.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%