Guardian: Земјите од поранешна Југославија се првата вистинска главоболка за Трамп

Во Косово, Србија, Босна и Црна Гора повторно се гледа значително зголемување на етничките тензии, пишува британски Guardian, анализирајќи ја моменталната политичка состојба во земјите од Западен Балкан и особено во оние коишто беа дел од поранешна Југославија.

„Познато лице гледа на улиците и плоштадите на балканскиот град Северна Митровица. Србите беа со него цело време, пишува на слоганот напишан на англиски јазик под огромната слика од американскиот претседател Доналд Трамп“, се зборовите со кои британскиот медиуми го започнува својот текст. Како што се наведува во текстот, повеќемина од граѓаните на Митровица би се согласиле со тоа.

Србите воглавно беа воодушевени. Победата на Трамп, ако ништо друго, е победа и над сопругата на нивниот непријател од деведесеттите години Бил Клинтон, кој го предводеше НАТО бомбардирањето против српските сили во Босна и на Косово, пишува Guardian.

Сега Балканот е соочен со уште една криза, границите се преиспитуваат, етничките тензии растат а замената на територии повторно се споменува како последен начин на кој може да се спречи насилството. „Заборавете ја Кина и Блискиот Исток, поранешна Југославија би можела да прерасне во првата вистинска надворешнополитичка главоболка за Трамп“, истакнува британскиот весник.

Минатиот месец избија тензиите околу српскиот воз кој беше прекриен со слоганот „Косово е Србија“, напишан на повеќе јазици, а кој беше испратен кон Митровица, пишува британскиот медиум истакнувајќи дека станува збор за најлошата криза на регионот во последните неколку години.

„Мнозинство од граѓаните на Косово се Албанци, околу 90 проценти од вкупниот број на населението. Иако возот беше сопрен надвор од Косово, НАТО членките Хрватска и Албанија побараа од Алијансата да ги промени мировниот план на Косово. Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека со своите синови лично ќе земе оружје во раце доколку некој им се закани на Србите на Косово“, додава британскиот весник.

Шефицата на администрацијата во Северна Митровица, Адријана Хоџиќ верува дека сите тие тензии немаат никаква врска со граѓаните. „На северот од Косово и натаму постои надеж дека луѓето ќе можат да живеат без страв. Лично ми е мака и поради Приштина и Белград, жртви сме на политичарите кои се високи позиции“, наведува таа.

Потоа, тука е Босна, наведува Guardian. Границата помеѓу тие два федерални дела – српскиот и босанско-хрватскиот, по тригодишната војна за време на деведесеттите години никогаш целосно не зацели. Автономната Република Српска редовно се заканува со референдум за независност, додека некои босански Србија се закануваа со бојкот на институциите во Сараево поради барањето за ревизија на одлуката на Меѓународниот суд за геноцидот извршен од српските сили за време на војната.

Тука е и Црна Гора, предмет на неверојатни политички превирања минатата година кога владата тврдеше дека руските институции се обиделе да организираат државен удар. На крајот е и Македонија, најјужната република од поранешна Југославија, каде има борба за формирање на влада по политичката криза со етничките Албанци. Земјата влезе во центарот на вниманието кога американски конгресмен предложи Трамп да ја раздели и подели помеѓу соседите.

„Македонија не е држава. Жалам, но таа не е држава“, изјави Дејна Рорабахер, конгресмен кој како што наведува британскиот весник, редовно го брани рускиот претседател Владимир Путин.

„Ситуацијата е катастрофална“, наведува Белгзим Камбер, етнички Албанец и борец за човекови права. „По скоро две децении од завршувањето на војната, ова не е мир. Албанското и српското прашање не е завршено на Балканот, тоа е односот помеѓу Израел и Палестина во Европа“, додава тој.

Како и секогаш, регионот има проблем не само со внатрешните превирања, туку и поради надворешниот фактор. „Европската унија, погодена од своите егзистенцијални проблеми, ја намали својата експанзија на Западен Балкан. Пристапот на администрацијата на Трамп и натаму не е јасна. Русија за тоа време ја зголеми својата моќ во регионот и го прошири своето влијание“, пишува британскиот медиум.

Сепак, Guardian потенцира дека „Косово останува клучно“. Косово прогласи независност во 2008-та година, но Белград никогаш не ја призна. Договорот под покровителство на ЕУ од 2013-та година, и вети на Србија побрз пат кон членство во Унијата, а на Косово статус на кандидат. Но ЕУ сега има други кризи на ум, а линиите на поделбите се појасни отколку од било кога, истакнува британскиот весник.

На северот на Косово улиците се полни со српски знамиња, српскиот динар е валута а јазикот е воглавно српски. Автомобилите се движат без регистрации, а тие кои патуваат со косовски таблички ги вадат пред да влезат на северот. Од другата страна на реката Ибар е Јужна Митровица кадешто живеат воглавно Албанци, и таа функционира одвоено.

„Доколку би довеле некој тука во Северна Митровица, тие би рекле дека ова е повеќе Србија отколку Косово. Не сум сигурна дека ова е одржливо“, наведува Хоџиќ. Како што вели таа, на регионот му би било подобро доколку на времето дошло на размена на територии, нешто за што се расправаше на преговорите за Косово после војната од 1999-та година. Сега некои аналитичари повторно ја заговараат идејата за размена на територии, и на пример Северна Митровица би и припаднала на Србија во замена за Прешевската долина.

„Сега мораме да избираме помеѓу неколку лоши опции“, истакнува таа. И покрај националистичките симболи, помеѓу обичните граѓани постои малку апетит за судири. Многумина изразуваат чувство на немоќ, соочени со геополитичките махинации на големите сили. „Србите и Албанците тука се најмалку виновни. Политичарите стојат помеѓу двата народа. Доста е од војни“, вели 74-годишниот Вукоје Утвиќ.

Неименувам дипломат од Западот за искуството во регионот, за Guardian вели дека постои само еден потенцијален спонзор за промена на границата, а тоа е Русија. Исто така, тој наведува дека не се плаши дека би можело повторно да дојде до судири како оној од 2004-та година и нападите над Србите кои доведоа до 30 жртви.

Како што вели, сите се посветени на бриселскиот дијалог и размената на територии воопшто не е прашање. Британскиот весник исто така истакнува дека дипломатите  2017-та година на Балканот во политичка смисла ја опишаа како кошмарна, пред се поради изборите во Србија, растечката желба за референдум на Косово и почетните маневри за изборите во Босна следната година, а се очекуваат и првите обвиненија пред новиот специјален суд во Хаг за злосторствата на Ослободителната војска на Косово (ОВК), пред која би можело да се најдат „високи претставници од политичката елита“ на Косово, што би можело да доведе во нова нестабилноста.

Извор: Макфакс

Би те интересирало и

Единаесетта ротација на словачки полицајци во Македонија

Од Амбасадата на Република Словачка во Скопје информираат дека на 15 ноември, врз основа на ...

Најбараниот убиец од Балканот живее луксузно во Велика Британија

Селами Чокај дошол во Велика Британија во 1999 година, но е депортиран 10 години подоцна, ...