ResPublika: Иванов треба да го даде мандатот за формирање влада

проф. д-р Светомир Шкариќ

svetomir skarik 200x250Парламентарното мнозинство ја формира Владата, независно дали станува збор за парламентарна монархија или за парламентарна република. Шефот на државата, независно дали е монарх или претседател, врз основа на претходни разговори со лидерите на парламентарните партии, е должен мандатот за состав на Владата да му го довери на она лице кое е во состојба да формира влада самостојно или во коалиција со другите легислативни партии. Така пишува во сите учебници по уставно право и парламентарно право, независно во кое време и на кој јазик се напишани.

Таков е случајот и со формирањето на Владата на Република Македонија, по донесувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година. И не може да биде поинаку, ако и натаму се одржува парламентарниот облик на владеење,  заснован врз триаголна конфигурација на јавната власт (законодавна, извршна и судска). Ниту една од трите власти не е суверена, ниту е подредена или надредена една на друга. Напротив меѓу нив постои мрежа на запирање и балансирање, а над нив се воздигнува и Уставниот суд кој бдее над нивните уставни граници и надлежности.

Експертската влада е исклучок од наведениот уставен стандард. Таа е формирана пред донесувањето на Уставот на Република Македонија, четири месеци по одржувањето на првите парламентарни избори во Република Македонија. Како ,,сечија и ничија“ траеше само 16 месеци, до 7 јули 1992 година.  Недовербата е изгласана на барање на 26 пратеници од редот на четири пратенички групи и на група независни пратеници. За недовербата гласаа и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, иако на чело на таа влада беше Никола Кљусев, симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ (С.Ш. Уставно право, осмо издание, Култура, 2015).

Церемонијална улога на шефот на државата

Уставот на Република Македонија содржи само две одредби во врска со давањето на мандатот за состав на Владата. Првата е од технички, а втората е од суштински карактер. Со првата одредба само се констатира дека ,,Претседателот на Република Македонија го определува мандаторот  за состав на Владата на Република Македонија“ (чл. 84, ст. 1, ал. 1). Станува збор за член од Уставот во кој само се набројуваат надлежностите на шефот на државата. Така се постапува и со надлежностите на другите државни органи (Собрание, Влада и Уставен суд).

Втората одредба ја определува постапката и содржината на доделувањето на мандатот. Според Уставот, ,,Претседателот на Република Македонија е дожен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите шти имаат мнозинство во Собранието“ (чл. 90, ст. 1).

Станува збор за императивна одредба која шефот на државата го обврзува мандатот да го додели на она лице зад кое стои парламентарното мнозинство, односно најмалку 61 пратеник. До сознание за обезбедено парламентарно мнозинство шефот на државата доаѓа по спроведените разговори со претставниците на сите политички партии застапени во парламентот.

За разлика од поголемата ,,елегантност“ на другите устави кои предвидуваат непосреден избор на шефот на државата, македонскиот  устав е  построг кога е во прашање доделувањето на мандатот. Уставот зборува за должност, а не за право на претседателот. Со тоа посилно се нагласува ригорозноста на парламентарниот систем во Република Македонија и ,,неутралната власт“ на претседателот како шеф на државата.

Претседателот на Републиката е претставник на државата, а не на граѓаните, иако се избира на непосредни избори. Тој е претставник на Република Македонија како држава, а не претставник на граѓаните на Република Македонија.  Претставник на граѓаните е исклучиво Собранието на Република Македонија, како законодавен дом и како орган што ја избира и контролира Владата на Република Македонија.

Да нема забуна и двоумење. Непосредниот избор му овозможува на претседателот поцврсто да застане на нозе кога ја врши својата модераторска (неутрална и морална) власт, а не да води политика или да управува со земјата. Неговиот непосреден избор во никој случај не може да го промени карактерот на парламентарниот систем, ниту пак може да му даде на претседателот поголема власт од она што му е стриктно запишана во Уставот.

Собранието е место за политички дебати и политички судири, место од каде што се „управува преку дискусија“, каде што се креира политиката, на предлог и со активна улога на Владата. Претседателот на Републиката се држи по страна од политичките судири, со својот морален авторитет делува интегративно и  како модератор води грижа за нормалното функционирање на уставниот поредок.

Нема „лична власт“, ниту непосредно управува со земјата. Не дејствува во името на другите власти, ниту ги ограничува, туку ги хармонизира нивните меѓусебни односи  и води грижа за интегритетот на уставниот поредок. Услов за негиовата морална и неутрална власт е неговата независност како личност, посебно во однос на политичките партии кои застанаа зад неговиот избор (Г. Близнашки, Парламентарно право, Софија, 2015).

Влијанието врз функционирањето на институциите шефот на државата го остварува преку две свои надлежности кои имаат правна и морална содржина. Прво, тоа е правото на суспензивно вето на законите и второ, правото да го известува Собранието за прашања од негова надлежност.

Преку правото на вето, претседателот може привремено да го запре донесувањето на секој закон за кој смета дека е неуставен или дека го урива уставниот поредок на земјата (чл. 75, ст. 3). Може забелешките да ги изложи писмено, но може да побара и јавен настап во Собранието и високо да го крене гласот против неразумните и пристрасните закони од најразличен вид, вклучуваќи ги  и законите  за  јазиците  и државните симболи. Ветото е моќно оружје во неговите раце, кое за жал не е искористено ниту еднаш во периодот од 2009 до 2017 година (С.Ш. Научно толкување на Уставот на Република Македонија, Култура, 2014).

И второто оружје може да биде силно. Преку него доаѓа до изрз „моралната власт“ на претседателот, неговото право да ги изложи проблемите со кои се соочува во вршењето на своите надлежности, но и да влијае врз „дневниот ред“  на Собранието, односно да побара нови приоритети во работата на државните институции. Може повеќепати да ја ползува собраниската говорница и од неа непосредно да се обраќа на народните претставници и на пошироката јавност (чл. 85, ст. 1). И тоа право ретко се користи, најмногу еднаш годишно.  Исклучок е претседателот Киро Глигоров, кој во јануари 1999 година, во случајот „Тајван“ мораше да му се обрати на Собранието, со солзи во очите, реагирајќи со болка поради неправдата што и беше нанесена на НР Кина од страна на тогашната Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДА.

Сите забелешки од правен и политички карактер, шефот на државата може да ги изложи пред надлежните институции, преку правото на вето и правото на обраќање во Собранието. Нема право тоа да го прави во постапката за доделување на мандатот за состав на Владата. Програмата и составот на Владата се во исклучива надлежност на Собранието, како законодавен дом и извор на извршната власт. На крајот може да побара и од Уставниот суд поништување или укинување на неуставните закони, како што може да побара и забрана на програмите и платформите на политичките партии кога тие се  насочени против унитарниот и територијалниот интегритет на македонската држава.

zaev ivanov
Легенда: Заев му доставува на Иванов потписи од 67 пратеници за формирање влада.

Досегашната пракса на доделување на мандатот

По донесувањето на Уставот на Република Македонија, во периодот од 1992 до 2017 година, доделувањето на мандатот за состав на Владата е вршен врз два принципа. Мандатот е доделуван врз принципот на најголем број мандати што една партија ги има освоено или врз принципот на парламентарното мозинство составено од пратеници на повеќе партии (партиски коалиции).

Во 1992 година, по изгласувањето на недоверба на Експертската влада, мандатот за состав на владата претседателот Киро Глигоров му го додели на Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ со 38 мандати. По неуспехот да обезбеди парламентарно мнозинство, мандатот му е вратен на шефот на државата. Претседателот Глигоров не побара претходно гаранција од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека има обезбедено парламентарно мнозинство. Претходно знаеше дека такво мнозинство не може да обезбеди.

На ист начин постапи и со мандатите на Петар Гошев и Бранко Црвенковски. Петар Гошев го доби мандатот како лидер на СКМ-ПДП, со освоени 31 мандати. И тој го врати мандатот поради негово лично несогласување  во врска со предложените кандидати за министри, иако имаше обезбедено парламентарно мнозинство. На крајот мандатот го доби Бранко Црвенковски кој успеа да формира парламентарно мнозинство од преку 70 пратеници.

По парламентарните избори од 1994 година, мандатот за состав на владата повторно го доби Бранко Црвенковски, како предводник на коалицијата „Сојуз за Македонија“, со освоени 87 мандати. Во владата влезе и ПДП со 10 пратенички мандати. Во овој период, ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Гошев останаа без пратенички мандати. Овие партии го бојкотираа вториот круг на изборите, со образложение за нерегуларност на првиот изборен круг. Во такви услови, Собранието остана без парламентарна опозиција, се додека Либералната партија на Стојан Андов не го напушти парламентарното мнозинство во 1996 година и кога замина во опозиција.

По парламентарните избори од 1998 година формирано е парламентарно мнозинство од 69 мандати. Мандатот за состав на Владата, претседателот Глигоров му го додели  на Љубчо Георгиевски, иако му беше лут политички противник. Станува збор за коалициона влада, составена од министри на ВМРО-ДПМНЕ, ДА и ДПА.

По парламентарните избори од 2002 година, петтата по ред влада беше избрана  43 дена по завршувањето на парламентарните избори. Формирањето на оваа влада се одложи поради тешкотиите во врска со прифаќањето на ДУИ за коалиционен партнер од албанскиот политички блок. Мандатот го додели претседателот Борис Трајковски, а мандатар беше Бранко Црвенковски, предводник на коалицијата „За Македонија заедно“ со 60 и ДУИ со 16 пратеници. И во овој случај, претседателот Трајковски не се колебаше при доделувањето на мандатот, иако политички припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ.

По парламентарните избори од 2006 година, мандатот го доби Никола Груевски, предводник на коалицијата „За подобра Македонија“ со 45 пратеници. Тогаш тој успеа со големи маки да формира парламентарно мнозинство од 62 мандати, заедно со ДПА и НСДП на Тито Петковски. Мандатот  му го даде претседателот Бранко Црвенковски. Истото се случи и по предвремените парламентарни избори од 2008 година, кога коалицијата предводена од Груевски имаше неспорно парламентарно мнозинство.

Мандатот без пречки се доделуваше и од страна на претседателот Ѓорге Иванов, по предвремените парламентарни избори од 2011 и 2014 година. Во обата случаи, повторно мандатот го добиваше Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е време кога постоеше неспорно парламентарно мнозинство, составено од ВМРО-ДПМНЕ  и ДУИ.

Проблемите се јавија по парламентарните избори од 2016 година. Прво, во јануари 2017 година претседателот Иванов му го додели мандатот на Никола Груевски, без претходно да побара гаранција за обезбедено парлментарно мнозинство. А потоа, по враќањето на мандатот, одби да му го даде мандатот на Зоран Заев, иако претходно доби гаранција за обезбедено парламентарно мнозинство од 67 мандати (СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците). Отстапи од „неутралната власт“ и влезе во судир со парламентарното мнозинство.

По „Вартоломејската ноќ“ од 27 април 2017 година, на повидок е  поумерен став на претседателот. Од неговиот кабинет проструи  вест дека „претседателот ќе го даде мандатот во согласност со Уставот и востановената пракса“. И првиот и вториот услов се исполнети, без дилеми. Лидерот на СДСМ, овој пат, треба да го добие мандатот и без оспорувања да пристапи кон формирање на тринаесетата по ред Влада на Република Македонија.

Сакам да верувам дека Иванов, овој пат, ќе ги прифати моите сугестии, исто како што ги прифаќаше без резерва кога го пишуваше докторски труд „Демократијата во поделените општества со посебен осврт врз Република Македонија“, пред да биде избран за доцент во 1998 година за научната област – политички теории и политичка филозофија (Ѓ.И. Демократијата во поделените општества, со посебен осврт врз Република Македонија, Правен факултет, Скопје, 1998).

 

Преземено од: РесПублика.мк

Би те интересирало и

Кучиња искасаа луѓе, трујачите ги фати беснило

Под влијание на вестите за каснати луѓе, последниве денови се поголем е бројот на несовесни ...

Колумна: Медиа џубокс

Медиумска идила со кривичното дело сторено години наназад, заедно со многу кривични дела за кои ...