Вајгл: Ако кризата продолжи, можни се санкции за политички партии и за поединци

Демонстрациите во Македонија се организирани и како такви не се добродојдено оружје во рацете на демократијата, оцени европратеникот Иво Вајгл во интервју за „Нова ТВ“ по неговата посета на Скопје.

– Тежиштето на полемичкиот одзив на ситуацијата сè повеќе се движи кон меѓуетнички конфликт – вели Вајгл.

Во однос на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не се сретне со еврокомесарот Јоханес Хан, со него, како и со другите европратеници, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, бидејќи доцна се враќал во Македонија, Вајгл вели дека доволно долго останале и дека ако сакал, Иванов можел да се сретне со нив.

– Тој очигледно не сакаше да се сретне со нас. Ја прочитав неговата порака дека кажал што има да каже, па сега нека зборува народот. Таа порака не може да се разбере поинаку освен како повикување на луѓето на улица и мислам дека тоа е еден многу неодговорен повик. Јас и во разговорите со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, реков дека демонстрациите секогаш се право луѓето да го изразат своето мислење, но опасно е кога постои реален сомнеж дека демонтрациите се, всушност, организирани за да се подгрее ситуацијата и со намера да се продлабочат поделбите меѓу луѓето – вели Вајгл, додавајќи дека тогаш тие стануваат опасни и не се одраз на демократијата, туку на желбата за популизам и за немир.

На прашање зошто не се сретнале со претставниците на иницијативата „За заедничка Македонија“ и со новинарите на „Телевизија Нова“, Вајгл рече дека секогаш е подготвен за разговор и дека имал ад-хок средба со нив, но дека тие не биле подготвени за разговори.

– Во некој весник прочитав дека со нив сум имал некаков разговор и дека ме информирале за своите ставови. Ние, всушност, немавме разговор. Јас бев подготвен, но тие не беа спремни за тој разговор. Ним им беше доволно тоа да го објават како информација, дека си ја завршиле својата работа. Имавме една многу полна програма и во неа не беше предвидена средба со претставници на граѓанските организации, но ако прифатевме, ќе мораше да бидат присутни и други групи затоа што сум сигурен дека оваа група не го претставува мислењето на сите граѓаните на Македонија, тие ги споделуваат само ставовите на една политичка опција – вели Вајгл.

Тој ги оцени како бесмислени обвинувањата дека меѓународната заедница и посредниците на Договорот од Пржино имале скриена агенда да ја сменат власта и Македонија, каква што е.

Вајгл вели дека мора да се смири топката и да се седне да се разговара.

– Ако политичарот бега од разговори и од компромиси, тогаш тој не е одговорен политичар. Тогаш мора да смета дека ќе го осудат не само луеѓо во неговата држава, ако кризата ескалира, за тоа ќе добие и свое место во меѓународната заедница и ќе понесе последици за тоа – рече Вајгл, додавајќи дека деструктивното дејствување се санкционира без разлика дали станува збор за политички партии или поединци.

Доколку кризата не се реши, Вајгл рече дека ќе поведат расправа во Европскиот парламент за да се утврди кој е ставот кон Македонија и кон политиката во земјата и македонските државјани.

– Нема да се гласа за извештајот. Тоа може да се сфати како опомена или како некој вид санкција. Јасно е дека ЕУ има и други инструменти, почнувајќи од финансиски. Ако кризата се продолжи, ако тоа може да доведе до сериозни реперкусии, до нестабилност во регионот и во Македонија, ќе треба да се разговара и за други чекори – вели Вајгл.

 

Преземено од: Мета

Додади коментар

Би те интересирало и

Сметот од тетовската дива депонија се носи само во скопската депонија Дрисла

Жителите од гостиварските села, кои го блокираат патот кон регионалната депонија Русино велат дека и ...

Централниот регистар ја уплатил ланската добивка на сметка на АД „Бетон“

Добивката која Централниот регистар ја остварил за 2016 година била уплатена на сметката на градежната ...

Close