(видео) Државата има стратегија за енергетика, но проблем е што не се спроведува, велат професорите Цицонков и Миновски – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во Етерот

(видео) Државата има стратегија за енергетика, но проблем е што не се спроведува, велат професорите Цицонков и Миновски

Проблемот со електричната енергија не се решава ни преку ноќ, ниту пак за една  недела или година, согласни се универзитетските професори Ристо Цицонков и Драган Миновски. Тие велат државата има стратегија за енергетика која се прави на секои пет години, но главен проблем е што не се спроведуваат мерките предвидени во неа.

– Стратегиите во државава се многу добри, но се читанки од проста причина што се што таму е напишано не е имплементирано. Не можам да разберам зошто, дали заради промените на власта, краткиот период на останување на функциите и немањето интерес во краток период да се почне со проекти за кои треба подолго време. Во 1990 Македонија била енергетски незавизна, а покриена била и индустријата. Со текот на годините поради слабите инвестиции во државата стануваме зависни, а кога сте зависни мора да најдете начин како да произведете повеќе дома и да барате алтернативи, за да не станете заложници на одредени енергетски структури, рече професорот Миновски во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Професорот Цицонков ја споменува ХЦ „Чебрен“, која вели е предвидена во стратегијата уште од пред 20 години, но се уште ништо не е направено.

– Да беше сега „Чебрен“ изграден ќе помогнеше премногу. Ова со фотоволтаиците е добро, но преку ноќ нема да успее. Сега правиме чекори што се во моментот можни, копаме јаглен и еве ставаме фотоволтаици, вели Цицонков, а професорот Миновски додава дека „Чебрен“ освен сигурност, ќе овозможеше во електроенергетскиот систем да се вклучат повеќе фотоволтаици и ветерници.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background