(Видео) Сакаме да им помогнеме на граѓаните кои сакаат кров за себе и за своето семејство – вели министерот, Бочварски за новиот Закон за бесправно изградени објекти – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во Етерот

(Видео) Сакаме да им помогнеме на граѓаните кои сакаат кров за себе и за своето семејство – вели министерот, Бочварски за новиот Закон за бесправно изградени објекти

Целиот овој период дискусијата за новиот закон е во насока на тоа да решиме голем број проблеми кои се реалност во државата. Законот не и’ е потребен на Владата, туку пред се’ им е потребен на граѓаните, па и на општините за да решат прашања коишто им тежат, кои се напластени и се  натрупани со текот на годините наназад – тврди министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.  Во најновото издание на емисијата Стадион на Канал 77 тој зборуваше за новиот Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, за кој јавните реакции не стивнуваат.

Забелешките на јавноста особено се однесуваат меѓу другото, и на членот 41 со кој се амнестира дивоградењето, но Бочварски смета дека новиот закон води кон решавање на прашањата поврзани со педесетина илјади објекти кои веќе се изградени во државата, а кои не се легализирани.

„Нормално е дека Владата и Собранието се институциите коишто треба да бараат  и да изнаоѓаат решенија, низ дебата и дискусија да се носат закони и подзаконски акти со кои ќе им  помогнеме на граѓаните, во овој случај да добијат кров над глава и Парламентот е форумот каде што се дискутира во изминатите  денови, но и месеци. Постојано е во јавноста дебатата за овој закон. Пратениците се согласија на ова законско решение кое е надополнето и надоградено со членови  и амандмани, но и по повторното враќање во Собранието ги повикувам пратениците да се вклучат  и да ги слушнеме аргументите  дополнително во јавноста и на градоначалниците за да дојдеме до еден можеби подобар текст кој ќе биде прифатлив за Собранието, Владата и граѓаните. Бараме решенија, добро е да се вклучат сите, па и правни експерти и луѓе на кои оваа проблематика им е поблиска“, порача Бочварски. Ресорниот министер смета дека ваквата легислатива ќе го стави на минимум бесправното градење.

Според него, голем број предмети во врска со ова се решени во општините, но има и такви кои не се решени воопшто. Ова како што вели, се должи на ограничените општински капацитети.

„Капацитетите на општините во однос на кадарите од типот архитекти, инженери е крајно ограничен. Работејќи ги редовните постапки  тие работат и на постапките од типот на ставање во правна рамка на бесправно изградените објекти и поради тоа, секако дека во сите општини, колку што јас имам информации имаме заостанати предмети кои треба да се решаваат.  Сега им се дава рок единствено за да ги решат заостанатите барања за да не се доведат граѓаните во правна несигурност, а општините да не се соочат со судски постапки и штети на буџетите“, истакна Бочварски.

Тој објасни дека доколку се работи за објект во заштитено подрачје, ќе треба да се побара согласност од надлежната институција, односно од Министерството за заштита на животната средина.

„Без таква согласност, тој објект нема да може да биде во правна рамка и тука сметаме дека во голем дел генерално е заштитен интересот пред сè на граѓаните и на таквите зони кои ги имаме во државата“, изјави Бочварски гостувајќи во емисијата Стадион.

Според него, доколку законот предвидува правна рамка за големи станбени комплекски, ќе се создаде ситуација во која некој ќе си направи бизнис од целата работа.

„Станбените згради или објектите за колективно домување со А2 намена се исфрлени низ првичната дебата и утврдено е дека тие би направиле одредена дисторзија во системот, дека не е дозволиво големи станбени комплекси да се ставаат во правна рамка преку ваквиот тип  на закони, бидијќи ќе се доведеме во ситуација некој да прави бизниси од оваа работа. Заради заштита на јавниот интерес и заштита на граѓаните, токму тоа е причина зошто не се ставени ваквиот тип на големи станбени комплекси за колективно домување во овој закон и се исклучени, а со тоа не можат да се стават во правна рамка по ова законско решение“, вели Бочварски.

Тој додаде дека новото законско решение, ги ослободува граѓаните кои земаат социјална или друг тип на парична помош од државата, од обврската за плаќање комунален надоместок. Сепак според министерот, со легализацијата на објектите граѓаните ќе бидат обврзани да и’ плаќаат на државата данок на имот.

Сметаме дека ова е значајна поддршка за граѓаните и со ваквото законско решение  овозможуваме тие објекти да се појават  во имотен лист, а потоа тие граѓани да плаќаат давачки кон државата за тие објекти. За секој објект  граѓаните годишно плаќаат данок на имот и доколку тој објект  го впишат во евиденција во Катастарот на недвижности, тогаш тие се обврзуваат да платат данок  на имот. Со овој закон ние  практично решаваме прашања со кои им помагаме на голем број граѓани. Ако во моментот имаме 50-тина илјади објекти коишто треба да  бидат третирани со ова законско решение дали ги исполнуваат условите или не, тоа значи дека имаме голем број објекти кои се постоечки.  Не зборуваме за објекти кои во иднина ќе се градат, туку за постоечки објекти, а со дополнителните 50 %  казнени пенали  коишто треба да се платат, ограничуваме  и правиме обрач со што сакаме да ја намалиме продукцијата на вакви објекти кои ги заобиколиле редовните законски процедури.

Од повеќе аспекти имаме аргументи зошто се носи овој закон, но дебатата е отворена  и најчестите корисници на овојзакон ќе бидат граѓаните и општините.

Тој ги повика градоначалниците да се вклучат во дебата и потсети дека Законот е донесен токму на нивно барање.

Уште пред 2 години тие побараа да им се даде правна рамка со можност да ги решат ваквите појави кои ги има во сите градови, но и да се приберат комуналии односно средства  за изградба на инфраструктура во таквите зони со цел да им помогнат на тие луѓе со инфраструктурата.

Во однос на реакциите од јавноста дека со ова ќе се легализираат објекти кои се изградени како дел од проектот „Скопје 2014“, тој рече дека не ги знае сите поединечни случаи за објектите, но додадедека може да се дискутира за секој објект посебно и да се види дали одобрението за него ја издава матичната општина или пак, Министерството за транспорт и врски.

-За прашањето дали со овој Закон ние сега одиме да легализираме одредени конкретни објекти, тоа не е точно.  Со овој Закон сакаме да помогнеме на граѓаните на кои им е потребна правна рамка и поддршка бидејќи сакаат кров за себе и своето семејство. Ако зборуваме за 50-  тина илјади објекти низ целата држава кои постојат и се изградени, треба да си го поставиме прашањето ако ваквиот  закон не се донесе, треба да се отвори пред општините дали градоначалниците се подготвени да влезат во отстранување или рушење на сите тие објекти. Ако имаме 50 – тина илјади во државата, само во Скопје би имало 15 до 20 илјади. Ние не инститираме на ништо, бараме да ги решаваме проблемите на граѓаните, а не да ги ставаме под тепих – додаде Бочварски.

Коментирајќи го тоа што претседателот, Стево Пендаровски не го потпиша Законот, тој потсети дека сега законот се враќа повторно во Собрание и ги повика сите пратеници да се вклучат во дискусијата за него, да ги дадат своите предлози, мислења и сугестии за да се подобри текстот на Законот.


Во етер
Наслов
Изведувач

Background