Директорот Златков се потпиша, сега трезорот решава за земјоделските субвенции

Според планираното, први субвенциите ќе ги добијат земјоделците на кои државата им должи за 2015 година, па потоа и за 2016 година.

Земјоделците по шестмесечно задоцнување ќе ги добијат очекуваните субвенции. Дел од парите се очекува да легнат на сметките на земјоделците уште денеска, тврдат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Директорот на Агенцијата, Игор Златков, тврди дека уште вчера потпишал дел од налозите за исплата.

– Како што ги потпишувам налозите, така се носат во трезорот во Министерството за финансии од каде што треба да се префрлат на сметките на земјоделците. Кога тоа ќе се случи не зависи од мене, но мислам дека денеска дел од земјоделците веќе ќе ги имаат парите – изјави за Плусинфо, Златков.

Според планираното, први субвенциите ќе ги добијат земјоделците на кои државата им должи за 2015 година, па потоа ќе се исплаќаат преостанатите субвенции од 2016 година. Рокот за исплата на овие субвенции е 30 јуни.

За ланските субвенции ќе се стартува со поледелството, млекото и производството на тутун.

– Платежната агенција призна дека доцни со исплата на субвенциите за 2015 година, иако тврдеше дека навреме се реализира се. И сега според она што е најавено како ќе се реализира исплатата не се води сметка за потребите на земјоделците. Сепак, се сомневам дека изплатата ќе се реализира бидејќи сметам дека пари за тоа нема, но нека почне исплатата па ќе видеме до каде ќе се стигне – вели Ристо Велков од Сојузот на синдикати на земјоделците.

Од другите земјоделски здруженија велат дека денеска ќе проверат дали стартувала исплатата.

– Вчера беше речено дека е известен трезорот во Министерството за финансии. Најверојатно попладне некои од земјоделците веќе ќе ги имаат парите, но ќе провериме дали ќе биде така – вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделците.

Исплатата на субвенциите е запрена околу шест месеци, поради парламентарните избори, кои се одржаа на 11 декември лани. Неодамна, Антикорупциската комисија на барање на Министерството за земјоделство даде мислење дека исплатата може да продолжи.

Во меѓувреме, беа сменети два директора на Платежната агенција. Третиот, пак, немаше положено англиски јазик за да може да ја врши функцијата што дополнително значеше забавување на исплатата од две недели.

Според податоците од Платежната агенција, од вкупната сума за субвенции за 2016 година во износ од 89,7 милиони евра, до октомври се исплатени околу 34 милиони евра од кои најголемиот дел се за 2015 година, а мал дел се за 2016 година. Субвенции добиле дел од лозарите и оризопроизводителите, а останатите треба да добијат до последниот рок за исплата односно 30 јуни.

За оваа 2017 година се планирани 99,4 милиони евра за оваа намена. Но, дури 44,3 милиони евра, ќе бидат за заостанати исплати од претходните години.

Извор: ПлусИнфо

Додади коментар

Би те интересирало и

Николовски: Наскоро целосно ќе бидат исплатени субвенциите за 2016 година

До крајот на месецов или на почетокот на наредниот месец целосно ќе бидат исплатени субвенциите ...

Царовска: Пензиите нема да се кратат

Кратење на пензиите нема да има – децидна е министерката за труд и социјална политика, ...

Close