Една од првите промени во начинот на пресметката на потрошената струја за домаќинствата на новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Ацо Ристов, беше делумно или целосно укинување на блоковите. Воведени да им се даде можност на помалите потрошувачи помалку да плаќаат доколку помалку трошат, блоковите кои се во функција повеќе од две години сега се предмет на анализа, соопшти Ристов.
Во телевизиско гостување, Ристов најавува дека се размислува за уште една промена, а тоа е зголемување на интервалот на тнр. дневна евтина струја.
„Овој систем на блок тарифи е донесен за време на енергетската криза. Од тогаш до сега, во енергетскиот сектор се имаат променето многу работи, а тоа е и повод за размислување како да се воспостави систем кој ќе обезбеди произведената електричната енергија од обновливи извори, која е далеку поевтина од онаа што ја произведува ЕСМ, а државата ја субвенционира да стигне до граѓаните. Ние сме во нов енергетски период. Енергетиката е динамична, а наша цел како регулатори е евтината енергија да дојде до домаќинствата. Идејата е да се искористи хиперпродукција на електричната енергија од фотоволтаичните централи и истата да се стави во систем за да може да ја користат граѓаните и зошто ако можеме да дозволиме проширување на евтината дневна тарифа, тоа да се направи од два на пет часа. Ноќната тарифа ќе остане, но може ќе се помести периодот- да ги видиме резултатите од анализата што ќе покажат“ изјави Ацо Ристов.
За потсетување, евтината струја долго време беше предмет на анализа и своевидна дневна политика, кога со месеци се очекуваше да се зголемат часовите на евтината струја. Одлуката никогаш не беше донесена, ниту беа соопштени резултатите од долгата анализа.





