Жбогар: Посилни односи со соседите и со земјите од ЕУ – посилен притисок за евроинтеграција

Колку посилни односи имате со соседите и со земјите членки на Унијата, толку повеќе ќе имате пријатели кои силно ќе притискаат за вашата интергација во ЕУ – вака одговори денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Самоуел Жбогар на новинарско прашање како ја коментира најавата за договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

„Секогаш е добро да градите пријателство со вашите соседи, како и со земјите членки на ЕУ или воопшто со сите. Очекуваме, како што беше најавено, договорот помеѓу Македонија и Бугарија да биде финализиран и да биде процесуиран во Собранието, односно да биде тема на дебата“, додаде Жбогар.

Инаку, договорот за добрососедство треба да биде потпишан на 2 август кога е и форумот на НАТО во Црна Гора на кој треба да присуствува и Македонска делегација. Деталите од ваквиот договор беа тема на преговорите на состанокот на работничките групи кои изминатите два дена ги предводеа министерот за надворешни работи, Никола Димитров и неговата бугарска колешка, Екатерина Захариева.

 

ВМРО-ДПМНЕ: Криењето на договорот со Бугарија отвора сомнежи

Сепак, деталите од договорот се’ уште не и’ се познати на јавноста, што денеска беше и повод за опозициската ВМРО ДПМНЕ да се обрати со ново соопштение. Од партијата наведуваат дека необјавувањето на договорот отвара сомнеж дека како што велат оттаму, премиерот Заев ги распродава македонските национални и државни интереси.

-Министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија, го усогласиле договорот за добрососедство, кој ќе се потпише за три недели, а граѓаните сè уште не знаат што прифатил Заев. Тој ветуваше експертски дебати и јавни расправи за секое прашање, за сега да гледаме дека нема ни Д од дебати, водејќи процеси од исклучителна важност за државата со нула транспарентност кон граѓаните – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму оценуваат дека е  скандалозно тоа што МАНУ како највисока стручна и научна институција во државата да нема никакви информации што содржи договорот со Бугарија, кој Заев го преговараше во Софија.

-Неприфатливо е МАНУ да молчи во однос на нетранспарентноста на Владата. Претседателот на МАНУ, Таки Фити, иако се сретна со Заев не побарал од него увид во договорот кој е од особено значење за државата. Директорот на бугарскиот национален историски музеј Божидар Димитров, рече дека МАНУ не смее да има став по однос на две точки од договорот, затоа што знаат дека Заев ќе ги избрка од работа. Таки Фити треба да го надмине стравот од Заев и да покаже минимум кредибилитет, бидејќи ја води институцијата со најголем научен потенцијал во Македонија – се вели во соопштението од најголемата опозициска партија.

 

Прванов: Да и’ помогнеме Македонија да влезе во ЕУ и НАТО

Во меѓувреме, во интервју за Бугарската национална телевизија, поранешниот бугарски претседател, Георги Прванов нагласува дека на Македонија треба да влезе во ЕУ и НАТО за стабилност на земјата и регионот, но дека е еднакво важно и Бугарија да ги реши сопствените проблеми со Македонија околу прашањето за заедничката историја.

„Имаме поволна атмосфера, каква што може да не се повтори во следните 20 години. Затоа треба да се движиме кон потпишување на договорот. Скептик сум дали договорот ќе го реши проблемот, но што и да е, и да не носи квалитет во споредба со декларацијата од 1999 година, договорот е навистина неопходен и треба да биде потпишан. Прашањето е друго, ние нема да го решиме проблемот со еден договор, нема да ги намалиме тензиите. Ни требаат години, децении работа. Ни треба јавен политички консензус, друга медиумска средина. Тоа се создава со многу контакти и со многу дијалог“, истакнува тој во интервјуто.

Нагласува дека основен проблем за Бугарија, кој треба да се реши во односите со Македонија, е заедничката историја. Како пример тој го посочува датумот на потпишувањето на договорот 2 август, кога, како што вели, почнало Илинденско-Преображенското востание. Според него, името на востанието значи дека се изедначува востанието во Тракија и Македонија, поради што е неопходен внимателен пристап на темата.

„Критериумот е во тоа што сме имале една национална самосвест, единствени национални цели и задачи. Тоа го објаснува националната борба, Илинденското востание, многу настани во нашата заедничка историја. Тоа не знам дали ќе го прифатат во Скопје. Таму има друга тенденција“, смета Прванов.

Георги Прванов беше претседател на Бугарија во периодот од 2002 до 2012 година.

 

Додади коментар

Би те интересирало и

Ќе ги снема ли редукциите на вода конечно во Неготино?!

Реконструираната водоводна мрежа и новиот скада систем треба да бидат решение за деценискиот проблем со ...

По излевањето на Поројска река, 400 семества два дена се без вода за пиење

Од наносите од камења и земја кои ги донесе реката уништена е дел од водоводната ...

Close