Кире Лазаров отвара ракометни школи низ цела Македонија: Целта ни е да произведуваме врвни ракометари

Капитенот на македонската репрезентација започнува нов проект, отвара ракометни школи низ цела Македонија кои ќе го носат името како и неговиот камп „Кирил Лазаров 7“. Со внимателно одбрани стручни тимови целта ќе биде од оваа институција да излегуваат врвни ракометари.

Успешното издание на кампот „Кирил Лазаров 7“, роди идеја за создавање на ракометни школи низ Македонија во кои децата низ цела година ќе можат да тренираат, да се едуцираат и да се развиваат во вистински спортски личности.
Новиот проект започнува со седум школи кои ќе бидат лоцирани во Валандово, Струга, Охрид, Свети Николе, Скопје, Богданци и Стојаково, а планот е понатаму да се шират и низ други места во Македонија.
„Ние срамежливо започнавме и со ракометниот камп, како поминува времето ни доаѓаат се повеќе идеи, дел од нив се обидуваме да ги реализираме. Знам дека нема да биде лесно, одговорноста е преголема, како за кампот така и за овој нов проект кој планираме да го реализираме. Но ќе работиме, ќе направиме добар стручен кадар кој според мене е најнеопходно за да можат нашите деца да се развиваат. Моето искуство ми кажува дека на дечињата треба да им се овозможи квалитетна стручна работа што според мои видувања најмногу недостасува за да може талентот да се оствари и да имаме квалитетни и врвни ракометари кои во иднина ќе ни служат и за нашата репрезентација“ – вели Кире Лазаров.
„Сакаме на овие деца што се на кампот да им овозможиме не само седум дена квалитетна работа во годината, туку 365 дена да работат на повеќе локации, сега за сега се седум во Македонија. За почеток ќе почнеме само со запишување и тренирање на дечињата, но нашата идеја е во наредните година-две да вметнеме и селекции од нашата ракометна школа во склоп на ракометната федерација, значи да имаме пионерски, кадетски, младински тимови кои ќе се натпреваруваат со останатите“.
„Свесни сме дека влегуваме во една сериозна работа, но како што бевме сериозни за кампот, ќе бидеме сериозни и во овие школи. Не сакаме да се споредуваме со никој, спремни сме за соработка со сите школи во Македонија. Нашата цел е да произведуваме врвни спортисти, односно врвни ракометари“.
 
„Искуството од кампот ќе го пренесеме и во школите. Секогаш потенцираме дека е многу важен стручниот тим кој го одбираме за кампот, тоа исто правило ќе биде и за ракометните школи, ќе гледаме децата секогаш на располагање да го имаат најдобриот стручен кадар, најдобрите тренери кои ќе бидат и нивни учители, психолози кои ќе ги едуцираат не само во областа на спортот, туку тие во текот на годините кои ќе ги поминат кај нас да се изградат и во вистински личности“.
 
„Ние во наше време ги немавме овие услови, ги намевме овие кампови, но и ние станавме врвни играчи кои со години се дел од големите европски и светски натпреварувања. Овие деца се почнати на време и имаат идеални услови за развој. Јас почнав сериозно да занимавам со ракомет на моја 14-15 годишна возраст, а тие веќе од 7, 8, 9, 10 години имаат квалитетна обука, едуцирање и се на вистинскиот пат“.
 
„Запишувањето во школите започнува од септември. Местата ќе бидат ограничени бидејќи сакаме да имаме термини во оптимален број на деца, да немаме гужва, бидејќи ни е важен квалитетот, а не квантитетот“.
Агенцијата КМГ Спорт која е главен организатор на кампот „Кирил Лазаров 7“, ќе биде задолжена и за функционирањето на ракометни школи. Директорот, Горан Ѓоргоноски вели дека од овие школи нема да биде важно да излезам само врвни спортисти, туку и вистински личности.
„Самиот интерес на децата и родителите во текот на целата година да продолжат со ваква работа како на кампот не поттикна да размислуваме да почнеме еден проект за континуирана и квалитетна работа како што се ракометните школи“ – вели директор на агенцијата КМГ Спорт, организатор на кампот, Горан Ѓоргоноски.
„Почнуваме со седум школи низ Македонија, една убава коинциденција со бројот на Кире, се надеваме дека понатаму ќе бидат и повеќе иако не брзаме никаде бидејќи не ни е важен квантитетот, важен ни е квалитетот од секој аспект. Овие школи за ракомет, нема да бидат само ракомет, тој е само еден сегмент од животот, децата кои ќе бидат дел од овие школи пред се треба да станат вистински личности, а многу мал дел од нив ќе станат и врвни ракометари“.
Превземено од: МКД
Додади коментар

Би те интересирало и

Палмарсон го напушти Веспрем, следува суспензија!

Еден од најдобрите светски ракометари, Исланѓанецот Арон Палмарсон без дозвола си замина од Веспрем, мислејќи ...

Македонија ќе брка бод против Бразил: Шпанците убедливо надмоќни против нашите ракометари

Младинската машка репрезентација на Македонија го забележа вториот пораз по ред во групната фаза на ...

Close