Македонските возачки во Германија и натаму на „стенд бај“

Македонските државјани во Германија и натаму чекаат да се усогласи билатералниот договор меѓу двете земји кој ќе им овозможи признавање на нивните матични возачки дозволи.

Приказната за маката која македонските државјани во Германија ја имаат со признавањето на нивните возачки дозволи стигна и до германскиот печат. Локалниот весник „Оснабрикер цајтунг“ викендот објави поширока приказна на таа тема во која уште еднаш потсетува на проблемот и на неуспехот на двете држави веќе, речиси 25 години, да најдат решение.

Бројот на македонски државјани во меѓувреме достигна речиси 100 илјади, а непризнаените возачки дозволи им создаваат бројни проблеми на доселениците во секојдневието. Актуелното правило гласи дека со македонска возачка дозвола во Германија може да се вози само во првите шест месеци по доселувањето. Потоа, единствено решение е да се полага одново. А тоа чини релативно висока сума пари. Според проценките на „Оснабрикер цајтунг“, во зависност од тоа каков пакет ќе се одбере, полагањето за возачка дозвола во Германија може да достигне до 1.800 евра.

Залудна петиција?

Весникот пишува и за интернет- петицијата на македонските иселеници кои на тој начин сакаа да извршат притисок врз германските власти да ја забрзаат процедурата. За случајот се надлежни министерствата за транспорт во двете држави. Петицијата досега успеа да собере 21 илјада потписи, а рокот за планираните 50 илјади кој истекуваше во јули годинава е продолжен за уште една година.
На прашањето на „Оснабрикер цајтунг“ до каде е постапката, во германското Министерство за транспорт одговараат дека „македонската влада сѐ уште не одговорила одредени прашања и отворени точки“. Според германското министерство, за да се признаат возачките, испитите и сообраќајните услови во Македонија мора да бидат слични на германските.

Од државите во регионот, Босна и Херцеговина повеќе години има билатерален договор со Германија со кој е регулирано прашањето на меѓусебното признавање на возачките дозволи. Српските државјани, исто така, од почетокот на годинава добија право да ги заменуваат своите возачки со германски, благодарение на договорот меѓу двете држави.
Како што веќе пишувавме, поголемиот дел од обврските од македонска страна се веќе завршени, и се очекува во следните месеци, договорот конечно да биде финализиран.

Извор: DW

Додади коментар

Би те интересирало и

Времето денеска: Претпладне сончево, попладне дожд и грмежи

Променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за локални краткотрајни врнежи oд дожд ...

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат Собранието да одлучи за Договорот со Бугарија

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара јавна, отворена и итна седница во врска со најавата за ...

Close