Министерството за одбрана ги обесштети своите вработени кои беа погодени од големите поплави во Скопје

Го испочитувавме законот, обезбедивме средства од буџетот на Министерството за одбрана и ги обесштетивме вработените за побарувања согласно законската регулатива, рече Николиќ.

Министерството за одбрана ги исплатило средствата за обесштетување на вработените во Министерството и Армијата кои беа погодени во минатогодишните големи поплави во регионот на Скопје и скопско со што ги реализираше решенијата од септември 2016 година, изјави државниот секретар во МО, Драган Николиќ во вторникот.

„Во досегашната анализа на Министерството за одбрана, меѓу другото откривме и кршење на Закон за служба во АРМ, во делот на обврските на вработените во Министерството и Армијата, во случај на елементарни непогоди“, рече Николиќ.

Според него станува збор за вработени во АРМ и во МО кои биле оштетени во минатогодишните поплави во август 2016 година, а кои согласно Законот за служба во АРМ, член 188 и Колективниот договор, член 91, требало да им биде исплатен паричен надоместок во висина од една просечна плата, околу 22.000 денари, но средствата не им биле исплатени.

„На барање на оштетените вработени во МО и АРМ, биле направени Решенија за исплата на овие побарувања уште во септември 2016 година, но истите не им биле исплатени и покрај тоа што паричната помош на оштетените им била потребна веднаш, во првите денови по несреќата односно по поплавата“, рече Николиќ без да ги наведе причините за несплаќањето.

Информираше дека за овој проблем станало збор и на неодамнешната средба на министерката Радмила Шекеринска со претставниците на синдикатите во Армијата и во одбраната.

„Ние во Министерството направивме ревизија на сите решенија за исплата на овие побарувања и овие обврски и го утврдивме правото на вработените за овие средства. Министерството за одбрана ги обезбеди средствата за обесштетување на вработените и можам да соопштам дека денеска веќе им се исплатени тие средства, парите се префрлени и се легнати на нивните сметки. Го испочитувавме законот, обезбедивме средства од буџетот на Министерството за одбрана и ги обесштетивме вработените за побарувања согласно законската регулатива”, рече Николиќ.

Извор: Нетпрес

Додади коментар

Би те интересирало и

Анѓушев: Субвенциите за инвеститорите ќе зависат од висината на нето платата

Финансиските олеснувања кои од државата ќе ги добиваат како домашните, така и странските инвеститори ќе ...

Ќе се декласифицираат договорите со странските инвеститори

Владата на Република Македонија смета дека е од особен јавен интерес да биде јавна информацијата ...

Close