„На зајдисонце“ во Трпејца од 20 до 28 јули

Во традиционалниот термин од 20 до 28 јули и годинава, во Трпејца, под покровителство на Општина Охрид ќе се одржи културно-забавната манифестација „На зајдисонце“.

Организаторот здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ најавува богата програма со која се очекува да го привлече вниманието на туристите  и мештаните.

Манифестацијата в четврток од 20 и 30 часот ќе биде отворена со изложбата на слики од Наташа Попоска – Карче од Охрид. Таа е д-р стоматолог, но од неодамна другарува со светот на боите. Трпејчани и гостите ќе се запознаат со нејзините слики работени во техниката масло на платно – пејзажи, инспирирани од Охрид и езерото. Изложбата е насловена „Допри ме како што ме допира сонцето“.

Чинот на свеченото отворање ќе биде збогатен со мини концертот на познатиот Горан Папаз, кој е активен соло саксофонист и поранешен член на групата Суперхикс.

Следната вечер, в петок, ќе се одржи концерт на ученици од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид под ведро небо – насловен „Со кајче по езерото“. Младите виртуози ќе свират во кајчињата осветлени од факели и фенери, а од брегот на езерото и од кафеаните гостите ќе уживаат во неповторливата глетка и изведба.

Истата вечер претставник на НП „Галичица“ од Охрид  ќе  одржи презентацијата под наслов: „Галичица на дофат“ преку која ќе биде доближено севкупното богатство на Националниот парк. Следните денови  активисти на НВО „Опција“ од Охрид ќе одржат трибина на тема: „Зависности од модерното време“.

Во Трпејца  концерт ќе одржи и КУД „Ѓердан“ од Охрид, а културно-забавната манифестација ќе биде збогатена со проекцијата на два извонредни документарци: Танцот со пастрмките – НЦ „Амфора“ снимен по сценарио и режија на  Милутин Секулоски – Охрид и Чиста вода, дело на  Мунлајт Продукција и Делегеација на ЕУ во Македонија . По сценарио на Јана Коцевска и во режија на  Димитар Сеизов.

Во еден од деветте термини во Трпејца ќе гостува актерката Марија Новак, која е дел од ансамблот на МНТ во Скопје.  На летната сцена кај Бунарот ќе се претстават Градски хор „Вокс Лихнидос“ – Охрид и Петар Кочоски –  хармоника. Диригент и уметнички раководител на хорот е проф. Бурим Хидри. Хармоникашот Кочоски лани ја претставуваше Македонија на светскиот натпревар по хармоника во Русија. Традиционално  – по шести пат ќе настапи ансамблот „Билјана“.

Во забавниот дел манифестацијата „На зајдисонце – 2017“ ги донесува стандардните содржини: Учиме англиски, фаќање риба на јадица, учиме да пливаме, учиме шах, цртаме на зајдисонце, заедничкиот излет на гостите и домаќините по патеката Чоколско и  кајакарската регата „Номче Митрески“.

Сите настани се бесплатни, а според организаторите тие се поддржани од бројни фирми и кафеаните во Трпејца.

Извор: Макфакс

Додади коментар

Би те интересирало и

Мала Преспа: Почнува „Македонско културно лето“ со претставата „Маша и нејзината волшебна приказна“

Со претставата „Маша и нејзината волшебна приказна“ на театарот Крик од Скопје, вечерва во Мала ...

Штетните договори во културата извлекле милијарди денари од буџетот на Македонија

Проектите, програмите и активностите на Министерството за култура во првата половина на оваа година ќе ...

Close