Нов албум на Фолтин: „Пријатно поинаков, а препознатливо фолтиновски“ – Радио Мрежа Канал 77 – Магија во Етерот

Нов албум на Фолтин: „Пријатно поинаков, а препознатливо фолтиновски“

Ушите на љубителите на звукот на Фолтин ќе тргнат на ново, неповторливо музичко патување, а билет им е новото издание на Фолтин, насловено „МОМÓМА“.

На новите шест авторски композиции, освен момците од Фолтин – Бранислав Николов, глас; Пеце Трајковски-Брада, гитара и сајзер; Гоце Јованоски, бас; Славчо Јовев, тапани; и Пеце Николовски, кларинет и усна хармоника; се и гостите Петар Димитровски на клавијатури (1-6), Владан Дробицки на тромбон и Васко Бојаџиски на саксофон (5). Миксот и мастерингот на материјалот е на Ивица Јанкуловски-Штраф, а е снимен во студио Алшар.

Како најава за уживањето со новите парчиња, писателот Дејан Трајковски вели:

“МОМÓМА е најзрелиот албум на Фолтин. Музички клуч под дипле. Со кој влегувате којзнае каде.
Благо џезиран. Бескрајно љубовен. И, замислете, пријатно поинаков од сѐ претходно, а препознатливо фолтиновски.

МОМÓМА е како Шпато да седнал со “Бич Бојс”, па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама пресериозно. И тоа од таа нивна чудесна „Pet sounds“ фаза. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост.

МОМÓМА е и „Скопје фест“, оној од седумдесеттите, од Оџаклиевска, Хаџиманов, Спирова, Панчетовиќ, Биг-бендот… но со Фолтин, место сите нив заедно.
Албумот нè гали и со влијанијата од Херби Хенкок – од “Thrust”, на пример, управувани од бојата на неговиот вселенски синтисајзер.

Во песната „Ми се води љубов“ можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез фаза, па пее пригушено низ мегафонот од “Chocolate Jesus”. А потоа од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка.

А текстовите? Тие се такви какви што ги очекувате – безмилосно нежни и силни.
„МОМÓМА“ е оној момент којшто не сакате да заврши. Во ноќта кога, рече, може само да ме сонуваш. Кога ви се води љубов. Малку неморално. Раскошно и блудно”.

Утре ќе се одржи официјалната прес конференција, а во меѓувреме на Youtube е закажана он-лајн премиерата на новите теми.

 


Во етер
Наслов
Изведувач

Background