Пратеници од ВМРО – ДПМНЕ со писмо до Заев и Димитров го бараат на увид договорот со Бугарија

Додека Министерството за надворешни работи ги држи во тајност деталите од нацрт договорот за добрососедство со Бугарија, опозициската ВМРО ДПМНЕ реагира. Оттаму бараат договорот да им биде ставен на увид, бидејќи како што велат, ваквата нетранспарентност е извор на загриженост.

Министрите за надворешни работи на Бугарија и на Македонија, Екатерина Захариева и Никола Димитров

Пратеникот Илија Димовски во име на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македоија денеска побара увид во нацрт-договорот со Бугарија. Според него, бугарски медими веќе објавиле дека тамошните пратеници го разгледуваат овој договор.

„Во рамки на официјалната комуникација од македонски владини институции, срамежливо се потврдува дека текстот на Договорот е усогласен. Во јавноста се остава впечаток дека се прифаќа текст кој Владата посакува да го формализира надвор од очите на јавноста. Ваквата нетранспаретност е извор на загриженост“, изјави Димовски.

Тој и пратениците Антонијо Милошоски, Никола Попоски, Емил Димитриев, Трајко Вељаноски и Влатко Ѓорчев реагирале и со писмо до премиерот, Зоран Заев и до министеротза надворешни работи, Никола Димитров.

-Собранието на Република Македонија, согласно уставот и законот за Надворешни работи има носечка улога во водење на надворешната политика. Оттука, цениме дека загриженоста може да биде надмината преку споделување на нацрт текстот или на усоглаесниот текст на договорот, со пратениците во Собранието на Република Македонија, како претставници на граѓаните. Тоа би било и во духот на ветувањата за транспарентност во работењето од страна на Претседателот на Владата на Р. Македонија г-дин Зоран Заев, како и на Вашите изјави дадени пред Комисијата за Надворешна политика дека текстот на договорот ќе биде споделен со пратениците во Собранието на Република Македонија, чија вклученост и поддршка самите ја побаравте – се наведува во писмото.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров пак, тврди дека објавувањето на она што е договорено во Софија, може да им наштети на консултациите:

„Базата за компромис што ја постигнавме е добра основа да се потпише текст, што и ние со горда и исправена глава ќе го потпишеме и Бугарија со горда и исправена глава ќе го потпише. Двете делегации ги напуштија преговорите дека во рамките на околностите направивме максимум“.

 

Дачиќ во Атина: Србија направи грешка што го призна Скопје

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како го коментира овој договор, шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар вчера рече дека подобрите односи со соседите значат и поголема поддршка од ЕУ. Сепак, српскиот министер за надворешни работи,  Ивица Дачиќ, по вчерашниот состанок со неговиот грчки колега Никос Коѕиас изјавил дека Србија направила грешка што го признала Скопје под уставното име Република Македонија.

„Сметам дека Србија направи грешка пред 20 години кога го призна Скопје под името Република Македонија. Тоа не беше коректно кон Грција, а Скопје секогаш имало негативен став кон прашањето за Косово и Метохија. Скопје ја призна независноста на Косово и гласаше за прием на Косово во УНЕСКО“, рекол Дачиќ.

Тој додал дека Србија нема да прави никакви потези кои би можеле да ја нарушат стабилноста во регионот и дека Србија за разлика од некои други народи, нема територијални претензии кон делови од Грција.

Шефот на српската дипломатија рекол дека е важно Србија да разговара со Грција за регионалните прашања како што е влијанието на Турција во регионот, мигрантската криза, соработката во борбата против тероризмот, негативното влијание на големоалбанскиот фактор на Балканот како и за проблемот во врска со името и односите со поранешната Југословенска Република Македонија.

Додади коментар

Би те интересирало и

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат Собранието да одлучи за Договорот со Бугарија

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара јавна, отворена и итна седница во врска со најавата за ...

Интегрална верзија од Договорот со Бугарија

Договорот за добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија ќе биде објавен на 1-ви следниот ...

Close