Продолжува координацијата за составот на комисијата за избори и именувања

Во Собранието денеска напладне треба да продолжи координативна средба на парламентарните групи за утврдување на предлог составот на комисијата за прашања на изборите и именувањата, што е предуслов за закажување продолжение на Конститутивната собраниска седница. На координацијата се очекува да продолжат разговорите за избор на претседател на комисијата за избори и именувања, за што на вчерашната седница не беше постигнат договор.

Во комисијата за избори и именувања, како што беше утврдено на почетокот на координацијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и Беса ќе бидат застапени со по еден член.

„Досегашната пракса на работа во собранието на Република Македонија во последните 25 години говори дека претседател на комисијата за избори и именување секогаш е од најголемата пратеничка група во собранието, без исклучок, нема исклучок во досегашните 25 години. Бројот на пратеници членови на комисиите не е милост или добродател на една партија спрема друга туку е одлука на граѓаните врз база на егзактна математика на прецизни бројки. Значи соодносот 6 – 5 – 1 – 1 не е заради задоволството на СДСМ да покаже гест туку е последица на изборните резултати од 11 декември минатата година“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски пак рече дека откако се договорил составот на комисијата, ВМРО-ДПМНЕ поставила уште еден услов, претседателот на Комисијата за избори и именувања да биде од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако тоа не се случи, нема да има продолжување на конститутивната седница и избор на Претседател на Собранието. Тоа уште еднаш покажува и докажува дека ВМРО-ДПМНЕ спротивно на сите демократски принципи ја узурпира Македонија, ги узурпира институциите, заради лични и партиски интереси не сака да функционира Собранието како највисок законодавен и претставнички дом на граѓаните веројатно заради зачувување на сопствените позиции кои ги имаа и ги узурпираат овде во собранието иако е јасно дека изборот на Комисијата за избори и именувања се прави во Собранието“, додаде Спасовски.

Тој побара што поскоро да се одболокираат институциите во Македонија за да не биде место во кое некој ќе ги узурпира и блокира институциите на системот, а директна штета ќе трпат граѓаните.

Додади коментар

Би те интересирало и

Сметот од тетовската дива депонија се носи само во скопската депонија Дрисла

Жителите од гостиварските села, кои го блокираат патот кон регионалната депонија Русино велат дека и ...

Централниот регистар ја уплатил ланската добивка на сметка на АД „Бетон“

Добивката која Централниот регистар ја остварил за 2016 година била уплатена на сметката на градежната ...

Close