Промашените тунели на автопатот Кичево-Охрид ќе одат „курбан“!?

Подземни води колку цело езеро дополнително ја проблематизираат изградбата на тунелите под Пресека. За исправање на катастрофалните грешки нема да бидат доволни ниту 100 милиони евра, велат експерти.

Кривини во тунелите со екстра дополнителни потпори или комплетно нова траса во овој дел, драматично ќе ја зголемат цената на изградба на автопатската делница Кичево-Охрид. Проблематичниот процес на пробивање на двата тунела кај Пресека станува неизвесен поради појавата на огромни количини подземни води. Откако работите речиси запреа поради „неочекуваните“ проблеми со земјиштето, изведувачите сега се пред предизвик како да го премостат проблемот со подземните води. Според информации на Дојче веле проблемите од овој аспект се многу сериозни, бидејќи станувало збор за огромни количини вода и тоа долж целиот потег под планинскиот превој низ кој треба да се пробијат двата тунела. Инволвираните на терен се буквално во небрано што и како да се прави како решение:

„Проблемот со двата тунела под Пресека е што земјиштето е со многу лош квалитет но и со подземните води. На овој потег има буквално едно езеро и мора многу да се внимава. Како и што ќе се прави како излезно решение, се уште не знаеме, но едно е јасно, ќе бидат потребни многу пари. Има доста неизвесности и допрва треба да се анализира што и како ќе се прави“, вели за Дојче веле експерт вклучен во надзорот токму на овој дел од автопатската делница.

Кинески експерти ја скенирале состојбата

Двата тунела од двете страни се пробиени по 500, односно 200 метри. Од она што може да се забележи на терен е дека таму во моментов се одвиваат некакви активности, што не е случај со останатиот дел од автопатот каде работите комплетно се запрени. Деновиве, според информации на Дојче веле, состојбата на терен ја скенирале и кинески експерти кои правеле испитувања и во тунелите. Што и како констатирале, нема официјални информации. Од она што досега е познато околу тунелите е дека при пробивањето се применува специјалната технологија „Pipe roof“, или таканаречен кров од цевки, кој се користи во вакви проблематични ситуации. Ова за Дојче веле го потврди и деканот на градежниот факултет во Скопје, Дарко Мославац, кој објаснува дека станува збор за многу скапо и комплексно решение кое целиот процес на градење го прави исклучително бавен. За информациите околу огромните количини подземни води, Мославац вели дека немал конкретни информации, иако според него, тие се нормална појава при пробивање на тунели. Дали и што ќе значи ваквата појава тој не сака да коментира.

Врз на аматеризам, неодговорност и криминал

Упатените предупредуваат дека опциите за тунели со кривини се невообичаени и можат да бидат многу проблематични. Такви зафати според нив не се прават, ниту пак се почнуваат пробивања без претходно во детали да се испита геолошката структура на земјиштето што во случајов очигледно дека затаило:

„Навистина не ми е јасно како можело да се дозволи да започнат градежните активности со такви пропусти. Ајде нашиве што тоа веројатно го направиле, но тоа да им се случи и на Кинезиве? Човек мора да е луд да влезе во ваква авантура. Ако пред целиот овој процес се работело според процедурите, а тие се јасни, детално дел по дел се буши земјиштето во длабочина, тогаш немаше да ни се случуваат вакви изненадувања“, коментира за Дојче веле експерт и бизнисмен од оваа област активно вклучен на вакви слични проекти во поширокиот регион.

Промашувања при вакви големи инфраструктурни проекти вели тој, се случуваат, но од ваков тип досега нема сретнато никаде:

„Секаде има искуства со грешки во вакви големи проекти, но за ваков случај верувајте немам ниту чуено ниту видено никаде. Ова е врв на аматеризмот, неодговорноста и веројатно на криминалот. Свесно да копаш тунели кои се најкомплексната работа при вакви проекти, а притоа да не си свесен на што ќе наидеш, е катастрофа. Зошто на пример нема утки на тунелите кај Демир Капија. Па бидејќи таму проектите ги прават реномирани европски куќи. А без такви проекти никоја сериозна меѓународна финансиска организација не дава пари. А како што знаеме од овој проект дигнаа раце сите финансиски институции и европски банки и што направија нашиве, отидоа кај Кинезите и еве гледаме како ја завршија работата“!

Од она што досега е констатирано грешките на автопатот од Кичево до Охрид ќе чинат дополнителни најмалку 120 милиони евра, или вкупно половина милијарда евра за целата делница која е со должина од 50 километри. Дополнително се пресметува и цехот кој ќе треба да се плати и за пропустите во делот на автопатот од Миладиновци до Штип. Таму, како што објави Дојче веле, од страна на претходната влада биле признати пропустите на наша сметка и сега дополнително се прават анализи како натаму. Кинезите бараат од владата дополнителен рок од една година за завршување на градежните активности, што многу веројатно и дека ќе го добијат. Колку милиони ќе поскапи и овој проект, допрва ќе треба да се пресмета. Од владата алармираат за промашувања и кај уште еден капитален проект на претходната власт. Станува збор за трасата на патот Градско-Прилеп, каде во тек е изградба на т.н. екпресен пат каде биле констатирани слични пропусти како оние во делот на Кичево-Охрид. Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски изјави дека претставници на шпанската компанија „Костракшн рубао“ која ги врши градежните работи на дел од овој патен правец, на Сугарески му се пожалиле на сериозни проблеми со наплата на средства од страна на ЈП Државни патишта. Доколку долгот не се решел, шпанската компанија не ја исклучила можноста да ја запре работата на патот.

Извор: DW

Додади коментар

Би те интересирало и

Министерството за култура подготвува измени на Законот за авторското право и сродните права

Министерството за култура подготвува текст за Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за авторското ...

Уште три лица хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести

Уште три лица од гостиварско село се хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести со висока ...

Close