СДСМ со 20 потписи го предложи Талат Џафери за претседател на Собранието

Пратеничката група на СДСМ денеска поднела барање до Собранието за избор на претседател на Парламентот со поддршка од дваесет пратеници, бидејќи како што изјави пратеникот Петре Шилегов на прес-конференција во законодавниот дом, дискусијата по точката за избор на претседател и членови на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е веќе беспредметна.

Шилегов потврди дека нивен кандидат за претседател на Собранието е Талат Џафери од ДУИ.

„Единствена улога на таа комисија беше на Собранието да му предложи кандидат за претседател на Собранието. Бидејќи е беспредметно нема потреба ниту да се одлучи ниту дискутира понатаму по оваа точка“, појасни Шилегов.

Тој побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како што наведе, да престанат да ја блокираат работата на Собранието со неделовничкото реплицирање на самите себе и да дозволат парламентарното мнозинство да избере претседател на Собранието.

Според него, ако продолжи оваа блокада за кусо време ќе колабира системот.

„Апелираме веднаш да прекине дрското и безобразно кршење на Деловникот преку неделовнички реплицирања сами на себе. Очигледно е дека единствената платформа на ВМРО-ДПМНЕ е уништување на Македонија и интересите на нејзините граѓани. Должност на парламентарното мнозинство е да ја преземе одговорноста и да избере претседател на Собранието. Во секој друг случај ќе бидеме соучесници во разнебитувањето на Македонија“, рече Шилегов.

На новинарско прашање како ќе делуваат, Шилегов одговори дека ќе ги преземат сите законски и деловнички можности кои им стојат на располагање за да го спречат, како што вели, неделовничкото однесување на ВМРО-ДПМНЕ.

Додади коментар

Би те интересирало и

Костов: ГОБ „8 Септември“ оставена со долг од околу 5 милиони евра

Долгови на болницата од околу 5 милиони евра или 243 милиони денари кон разни фирми, ...

Гори депонијата во Тетово

Од утринава нешто по 8:30 часот гори депонијата на влезот во Тетово кај железничката пруга ...

Close