Се подготвува нов Закон за заштита на потрошувачите

Координирано и усогласено функционирање на државните институции и инспекторати, локалната самоуправа, организациите на потрошувачи и бизнис заедницата на сите нивоа ќе придонесе за што е можно поголемо остварување на потрошувачките права на граѓаните во Македонија. Ова се пораките кои ги испрати Организацијата на потрошувачите на Македонија по повод денешното одбележување на 15 Март – Светскиот ден на потрошувачите.

Претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија, Маријана Лончар Велкова рече дека потрошувачите мора да си го најдат своето место во општеството и да го добијат тоа што им следува, а тоа се подобри услуги и производи и поголема почит.

„Еден интегриран пристап како агенција или тело што би работело сериозно на оваа проблематика би бил многу добар, бидејќи самата проблематика се однесува на граѓаните како најголема економска група, која или влијае или има влијание од одредени мислења и одлуки, а чиј глас навистина не се слуша доволно“, додаде Лончар.

Претседателот на Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје, Марјан Додевски смета дека оваа проблематика од година во година добива се’ повеќе на значење во Македонија и има еден комплетен пристап на третирање со вклучување на претставници од извршната власт, институциите, невладиниот сектор и академската фела.

„Годинава планираме да започнеме со јавно објавување на имињата на компаниите на кои има најмногу жалби во делот на потрошувачките права. Со објавување пред јавноста кои компании се однесуваат најнеодговорно кон потрошувачите и се надевам дека тоа ќе влијае за поодговорно, порационално и покоректно однесување кон потрошувачите“, изјави Додевски.

Државниот секретар во Министерството за економија, Анета Димовска, потенцира дека во 2015 година се извршени измени на Законот за заштита на потрошувачите со кои трговецот се обврзува да ги обезбеди сите потребни информации на потрошувачот пред да ја направи нарачката и да му се даде право во рок од 14 дена да се повлече од нарачката.

„Државниот пазарен инспекторат, надлежен за спроведување на Законот за заштита на потрошувачите во 2016 година спровел близу 3.000 надзори по основ на овој закон, од кои близу 1.000 се по претставки од потрошувачи. Најчесто се жалеле на означувања за распродажба, непридржување на обврски од гаранција на производи, рекламирање на производи и неквалитетна сервисна услуга“, изјави Димовска. Таа најави дека ќе се работи на нов Закон за заштита на потрошувачи, како и стратеши документи кои ќе произлегуваат од Законот, а ќе се однесуваат на периодот 2018-2022 година.

На светско ниво најголема грижа на потрошувачите кога станува збор за електронско тргување е нарушување на приватноста и безбедноста при електронското тргување. За градење на довербата е неопходно постоење соодветна регулатива и функционални институции што ќе ги штитат овие права, рече Димовска.

Додади коментар

Би те интересирало и

Македонија досега изгубила 119 милиони евра од ИПА фондовите – Во ризик дополнителни 33 милиони

  Вкупно 614 милиони евра и’ биле ставени на располагање на Република Македонија за реализација ...

НБРМ: Раст на потрошувачките и станбените кредити, пад кај автомобилските

Кредитирањето во јули годинава бележи раст од 0,3 проценти, кое се должи на зголеменото кредитирање ...

Close