Сиромаштијата ги мами Албанците во нарко-бизнис

Во 2016 година доминираа вести за уништување полиња со марихуана или заплена на дроги. Колку полицијата повеќе уништува, толку дрогата се шири низ земјата. Дали Албанија ја губи борбата?Нерамен пат, полн со вирчиња од последниот дожд, води кон редицата бараки во близина на северноалбанскиот град Решен. Се стемнува. Две поранешни одгледувачки на канабис ја бараат заштитата на мракот за да разговараат. Стравот кај нив е преголем, откако полицијата пред повеќе недели во блиц-акција упадна во нарко-лабораторијата во која работеле. На поранешната живинарска фарма , неколку километри од центарот на градот, беа запленети 4,2 тони канабис, исушен и спакуван.

Мира и Рита (имињата се измислени) биле без работа пред да почнат да работат во складот за околу десет евра дневно. „Верувајте или не, таму работевме само за да го обезбедиме лебот за децата“, раскажува Мира, 50-годишна жена. Таа е гневна на владата која ја оставила во сиромаштија, гневна на полицајците „кои самите заработуваат многу повеќе од нас“, бесна на дрогашките босови. „Ни беше речено дека ќе работиме со чај.“ Таа се колне дека на почеток не знаела дека тука се преработува канабис. Рита, помлада жена, раскажува дека мажот ѝ е во затвор. Ја покажува фотографијата на 5-годишната ќерка, истакнувајќи дека многу се радувала што конечно нашла некоја работа. „Не знаев ништо до моментот кога ја видов полицијата,“ тврди и таа.

Можен е сомнеж дека ништо не знаеле за канабисот, но за радоста што нашле работа, може веднаш да им се верува. За тоа е доволен поглед врз бараките на сосетките. Нивниот покрив прокиснува, нема греење, надвор се трупаат купишта ѓубре.

Социјален проблем

Без оглед на големите ветувања, албанската влада на премиерот Еди Рама не ја намали сиромаштијата во земјата. Невработеноста е висока, социјалната помош ниска, околу 75 евра месечно за семејство. Дали е тоа причина што многумина албански селани и други невработени се подготвени да одгледуваат канабис? Претседателот на опозиционата Демократска партија Лулзим Баша во одгледувањето канабис гледа и социјален проблем. „Вистината е дека илјадници Албанци немаат друга алтернатива, зашто не постојат социјални и економски владини мерки за поддршка на руралните подрачја. Луѓето се пред алтернативата – да останат без леб за децата или да произведуваат дрога. За жал, многумина ја одбираат втората алтернатива.“

Се чини, наркобосовите имаат лесна задача да најдат работници за одгледување, сушење и пакување на канабис. Бизнисот не им се исплатува само на обичните помагачи. Според истражувањата на Дојче веле, еден одгледувач на марихуана, ако успее, што значи ако ги избегне полициските контроли, заработува околу 200 евра за килограм канабис. Дрогата често се одгледува во диви, запуштени полиња, во тешко достапни области. Некои одгледувачи на канабис дури развиле и системи за наводнување и своите полиња ги чуваат со оружје.

Година на канабисот

Феноменот не е нов. И порано Албанија тешко излегуваше на крај во борбата со производството канабис, но 2016. може да се нарече година на канабисот. Од податоците на албанската полиција произлегува дека во оваа година се уништени преку 2,5 милиони растенија на марихуана, идентификувани се 5204 полиња. Новина е географската распространетост на одгледувањето низ целата земја. Дрогашките босови ја променија стратегијата, вели албанскиот аналитичар Александер Чипа. „Колку полицијата уништува повеќе, толку повеќе канабис беше засаден оваа година. Ова масивно распространување им помага на босовите во спасувањето на одреден број марихуански полиња.“

Спреги држава – криминал

Опозицијата ја обвинува владата дека цутењето на бизнисот со канабис е резултат на егзистирачкиот сојуз меѓу некои владини членови и организираниот криминал. „Нема Албанец кој би верувал денес дека вакво нешто може да се случува без инволвираност на одредени сегменти од полицијата и од политиката“, подвлекува претседателот на Демократската партија, Лулзим Баша во интервју за Дојче веле.

Елвис Наболи, главен уредник на локалната ТВ Розафа во Скадар, кој неодамна ја доби наградата за истражувачко новинарство на платформата БИРН, одамна се интересира за бизнисот со дрога во земјата. Тој знае дека наркобизнисот е опасен само за обичните селани, не и за босовите. „Разговарав со личности директно поврзани со оваа индустрија. Мора да се каже, неа ја контрлираат моќни лица, кои имаат силни врски со државни службеници, почнувајќи од обични полицајци до другите покрупни риби во синџирот. Точно е, полицијата уништува големи површини, но полињата кои се под посебна заштита остануваат недопрени.“

Директорот за безбедност во албанската полиција Алтин Ќато не дозволува врз него да падне темната сенка која постојано виси над албанската полиција. На прашањето за вклученоста на полицијата, тој се става во одбрана на полицајците. „Мора да се каже дека полицијата работи на тежок терен. Точно е, постојат одделни случаи на поврзаност кај полицијата, но тоа не е феномен. При 9.000 вклучени полицајци, оваа година идентификувавме само 40 случаи на припомош во одгледувањето дрога и трговијата со неа. Уапсени се осум полицајци.“

Кога е зима има помалку извештаи за марихуански полиња, но секојдневно за заплена на дрога. „Жетвата“ мора да го помине патот преку Јадран кон Италија и преку тајни патишта кон Црна Гора, Србија и натаму кон Европа. Албанија со сегашната влада се претвора во „Европска Колумбија“, алармира опозицијата. Поранешните работнички во производството на канабис, Рита и Мира, малку ги интересира загриженоста на опозицијата. Во Албанија станува збор за преживување. „Ако повторно би имале шанса да вршиме ваква работа, пак ќе прифатиме“, велат тие. Првиот пат полицијата ги пушти на слобода, зашто наводно „ништо не знаеле“. Како ќе се правдаат следниот пат?

Извор: DW

Додади коментар

Би те интересирало и

Хан: ЕУ мора да работи на нов пристап кон Турција

Европската унија мора да престане да ги следи активностите на Турција и да развие нов ...

Дачиќ денеска ќе ги каже причините за повлекувањето на српските дипломати од Македонија

Персоналот на амбасадата вчера беше повикан на консултации во Белград. РТС денеска ја потврди информацијата ...

Close