Слободни уште 24.529 места во првиот уписен рок во средните училишта

Во јавните средни училишта во Македонија утре ќе се спроведе второто пријавување во јунскиот рок за упис во прва година во учебната 2017/2018 година, а резултатите за запишани ученици ќе бидат објавени следниот ден, 6 јули. На првото пријавување во јуни, спроведено на 28 и 29 минатиот месец, од пријавените 17.179, примени беа 11.205 ученици.

Министерството за образование и наука информира дека слободни места во второто пријавување во првиот рок има за вкупно 24.529 ученици во јавните средни училишта во сите општини во земјава, иако уписот во некои училишта е завршен во првото јунско пријавување, претежно во гимназии и во медицинската струка.

За настава на македонски јазик во второто пријавувАње има вкупно 16.118 слободни места, за албански наставен јазик 7.455, за турски наставен јазик има 819, за српски наставен јазик слободни се 34 места и 103 слободни места за повторувачи.

МОН вчера соопшти дека се проширува квотата за запишување ученици во прва година за една паралелка во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје и се дозволува упис на сите ученици кои постигнале најмалку успех од 74,68 поени, а аплицирале во првиот уписен рок – прво пријавување. Се проширува и квотата за запишување ученици во прва година во СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ и се дозволува упис на сите ученици кои постигнале најмалку успех од 74,65 поени, а аплицирале во првиот уписен рок – прво пријавување.

За учениците кои и во второто пријавување во јуни нема да се запишат во средно училиште, има и втор рок за упис – на 24 август, а училиштата кои и во двата рока нема да ги пополнат местата ќе запишуваат ученици до 31 август.

Извор: Макфакс

Додади коментар

Би те интересирало и

Платформа за бесплатно сместување во Скопје за УЕФА Суперкупот

Огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје, но и во Македонија поради ...

Aпелација ги објави одлуките: Груевски не може да бега со лична карта

Апелациониот суд ги објави одлуките за одбивањето на мерките притвор за обвинетите во „Титаник“, меѓу ...

Close