„Тирамису“ премиерно во Велешкиот театар

Вечерва, на 30 јуни, на Големата сцена на Театар „Џинот“ Велес, со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Тирамису“, според текст на полската авторка Јоана Овшианко, во режија и адаптација на Теа Беговска.

Претставата се занимава со постпазарната етика и естетика, преиспитувајќи го феноменот на консумеризмот и потрошувачкото општество, наспроти изгубената човечност и суштинските вредности на животот.
Во претставата настапуваат актерите: Маја Љутков, Зорица Панчиќ, Талија Настова, Марија Стефановска, Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски, Душица Настова и Румена Шопова.
„Зборуваме за баналности, а не за суштински нешта. Се претворивме во машинерија диригирана од луѓе кои заборавиле на вистинските вредности“, вели режисерката Беговска. За неа, главна провокација за постановка на претставата е токму измислениот осми лик, кој не постои во оригиналниот текст, а кој во претставата го игра актерката Румена Шопова.
„Осмиот лик е се што сум јас, се што е секој еден обичен човек кој се обидува да се вклопи во наметнатиот систем на општеството. Приказната на осмиот лик живее во мене, во сите нас. Тоа е приказна за вербата во подобро утре, за вербата во човечноста и вистинските вредности“, потенцира Беговска. Сценографијата за претставата е на Валентин Светозарев, костимите се на Андреј Ѓоргиевски, автор на музиката е Енес Беговски, видеото е на Данчо Стефков, а дизајнот на светлото на Звездан Миљковиќ.

Додади коментар

Би те интересирало и

Изложбата „Спектрум“ на Маја Кировска во Португалија

Изложбата „Спектрум“ на Маја Кировска ќе биде претставена на манифестација во Брага, Португалија што се ...

Почнува 29-тата Поетска ноќ во Велестово

Во Велестово на падините на планината Галичица вечер во 21:00 часот започнува 29-тото издание на манифестацијата ...

Close