Анита Тополов–Исајловска е назначена за вршител на должноста државен јавен обвинител, по оставката на досегашниот носител на функцијата, Љупчо Коцевски. Одлуката денеска едногласно ја донесе Советот на јавните обвинители, кој оцени дека Исајловска ќе ја води институцијата сè додека не се избере нов државен јавен обвинител на јавен конкурс.
Исајловска доаѓа на оваа позиција од функцијата заменик-државен јавен обвинител, каде што беше дел од раководниот тим на Обвинителството. Нејзината обвинителска кариера започнува во 2009 година, а во текот на годините напредувала преку Вишото јавно обвинителство, сè до изборот за републичка јавна обвинителка. Во минатото, таа ја извршувала и функцијата заменик на поранешниот државен јавен обвинител Марко Зврлевски.
Назначувањето доаѓа по неотповикливата оставка на Љупчо Коцевски, која тој ја поднесе пред шест дена. Коцевски својата одлука јавно ја соопшти на прес-конференција во Јавното обвинителство, непосредно пред почетокот на собраниската седница на која требаше да се расправа за неговото разрешување по предлог на Владата.
Во обраќањето, Коцевски обвини за политички притисоци, а оставката писмено ја доставил и до претседателот на Собранието, Африм Гаши, барајќи на седницата формално да се констатира престанокот на неговиот мандат.
Претходно, Советот на јавните обвинители планираше избор на привремен раководител на 19 декември, но седницата беше одложена поради отсуство на една од членките на Советот. Со денешната одлука, институционалниот вакуум е надминат, а Обвинителството доби вршител на должноста до завршување на постапката за избор на нов државен јавен обвинител.





