Бугарската влада понуди итни испораки на котелско гориво (мазут) за Македонија, со цел да ѝ помогне на земјата по прогласувањето вонредна состојба поради тешкотии во снабдувањето со енергенси, јавува БГНЕС.
По налог на премиерот во оставка Росен Жељазков, министерот за енергетика Жечо Станков изврши проверка на расположливите резерви на мазут во Бугарија. Проверката утврдила дека на територијата на земјата има доволни количини за домашните потреби, соопшти владината прес-служба.
Врз основа на овие наоди, бугарската страна ја изрази подготвеноста да ѝ помогне на Северна Македонија со итни испораки на мазут, почитувајќи ги техничките и логистичките можности. Предлогот бил упатен по налог на премиерот Жељазков за време на телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, и неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.
Во разговорот било нагласено дека понудената помош е израз на добрососедство и солидарност и е насочена кон обезбедување енергетска сигурност и стабилност во регионот.
До понудата доаѓа откако Владата на Република Северна Македонија синоќа прогласи вонредна состојба поради нарушени испораки на енергенси. Причина за настанатата состојба е блокадата на граничните премини со Република Грција од страна на грчките земјоделци, што го отежнува увозот на горива и суровини.





