Синоќа во Тирана се одржа третиот ден од протестот за заштита на локалитетот Звернец, во чија близина е најавена изградба на луксузен резорт и целосна адаптација на островот Сазан од страна на ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, Иванка и нејзиниот сопруг Џералд Кушнер. За озаконување на целиот проект вреден 1,4 милијарди долари и почеток на градежните работи, албанската влада направи и законски промени, а проектот доби статус на стратешка инвестиција. Покрај островот, ќе се создаде и вештачки полуостров.
Граѓаните кои протестираа повеќе од три часа, маршираа кон Министерството за внатрешни работи, држеа транспаренти со пораки како „Албанија не е на продажба“ и силни политички слогани. За време на протестот, некои граѓани го пробија и полицискиот кордон на влезот во зградата на премиерот. Протестот заврши пред кабинетот на премиерот, каде истакнаа пет барања до владата на Еди Рама:
1. Оставка на владата.
2. Укинување на статусот и правната рамка поврзани со стратешките инвеститори.
3. Укинување на Планинскиот пакет.
4. Поништување на измените на Законот за заштитени подрачја.
5. Поништување на измените на Законот за културно наследство.
На повеќедневните протести премиерот Рама, одговори дека проектот е шанса за проширување на просперитетната туристичка економија на земјата и за привлекување странски инвеститори. Рама во објава на социјалните медиуми изјави дека проектите претставуваат „амбиција да се создаде најатрактивна дестинација од оваа страна на Медитеранот“. Негираше дека издавањето на дозволите на зетот на Трамп, Кушер е обид да ја добие наклонетоста на американскиот претседател.
Инвестициската компанија на Кушнер, „Афинити партнерс“, е поддржана главно со финансирање од владата на Саудиска Арабија. Новата компанија „Сазан риел естејт дивелопмент“ ЛЛЦ, е инвеститорот на проектот.
Додека се одвиваат секојдневни протести против изградбата на проектот, Иванка Трамп, во интервју за Дејвид Сенра раскажува како го открила островот Сазан и како планира да го трансформира.
Ќерката на американскиот претседател во интервјуто објаснува како го откриле островот и што планираат со него.
-Тоа е неверојатно прекрасен приватен остров од 1.400 хектари во средината на Средоземното Море. Бевме на јахтата на еден пријател и застанавме да се искапеме. Всушност, така го најдовме. Отпливавме до островот и направивме пешачка тура боси до врвот. И бевме едноставно воодушевени. Тоа место ни остана во сеќавање оттогаш. Со текот на многу години, ја развивме способноста да помогнеме во реализацијата на неговиот потенцијал и да го трансформираме, но со голема воздржаност и грижа, бидејќи земјата е толку убава што архитектурата треба целосно да се интегрира со неа, речиси да се роди од неа.
За мене, тоа не е ни бизнис, и покрај неговата големина. Не само што го имаме островот, туку имаме и 5 милји крајбрежна линија пред него, прекрасен полуостров со лагуна од едната страна и море од другата, со прекрасни бели песочни плажи.
За мене, ова повеќе личи на предизвик отколку на било што друго. Тоа е кулминација на целото мое искуство со недвижности, на сите мои патувања и на многу размислувања за тоа како сакам да живеам и како мислам дека луѓето сè повеќе сакаат да живеат.
Се обидуваме да изградиме нешто што е опиплива манифестација на оваа идеја, што бара многу визија и соработка на некои од најголемите мајстори што постојат.
Бев таму, шетајќи по земјата, обидувајќи се да го доживеам и почувствувам тоа место, покрај некои од најголемите живи архитекти на нашето време, вистински мајстори на својот занает. Луѓе со таков апсолутен интегритет што нема да има компромис.
И тоа е нешто што сакаме да го создадеме таму. Затоа сме многу возбудени, вели Иванка Трамп во интервјуто.
Видео: Топ ченел





