Европската комисија одговори на тврдењата изнесени во книгата „Комесар“ на Игор Омерза, дека  комесарката за проширување, Словенката Марта Кос била соработничка на тајната југословенска политичка полиција.  На редовната дневна прес конференција беше соопштено дека Кос успешно го поминала сослушувањето во Европскиот парламент и дека нема понатамошни коментари.

„Комесарката Кос помина низ обемна и темелна постапка на проверка за да се приклучи на Колеџот на комесари. Европскиот парламент го одобри нејзиното назначување, како и сите 27 комесари. Комисијата нема понатамошни коментари“, изјави портпаролот на Комисијата Олог Гил во одговор на новинарско прашање.

Во вторник, во Европскиот парламент во Стразбур беше претставена книгата „Комесар“ (Commissioner), чиј автор е Игор Омерза, во организација на словенечката пратеничка Романа Томц од Словенечката демократска партија (СДС) на Јанез Јанша.

Во книгата, авторот тврди дека документите од архивите на југословенската тајна политичка полиција, позната како УДБА, докажуваат дека Марта Кос била регистрирана како соработник на тајната служба на поранешната држава под кодните имиња Тара и Бланка.

Со тоа, тврди Омерза, директно ги побил изјавите на Марта Кос на сослушувањето пред Европскиот парламент во 2024 година, каде што таа негирала каква било соработка со УДБА или други репресивни тела.

Во Словенија е во тек интензивна изборна кампања за изборите што ќе се одржат на 22 март.

Главен предизвикувач на владејачката коалиција на премиерот Роберт Голоб е партијата СДС на Јанша, која дури и во 2024 година, кога Кос беше номинирана за комесар, упати обвинувања за нејзината наводна соработка со УДБА.

Извор: Јутарњи лист

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање