Пожар избувнал во компанијата „Ф-Групација“, која се занимава со елекетронски отпад во скопско Турбарево, а во негово гасење се вклучени неколку екипи од Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопшти дека за гасење на пожарот во скопско Трубарево интервенира и специјален авион ер-трактор.
Стојанче Ангелов, директор на ДЗС, вели дека пожарот ги зафати објектите на „Ф – Групација“ која се занимава со електронски отпад.
-Има поголемо количество пластика, која дава густ, црн а верувам и токсичен отпад. Наша првенствена цел е да не дозволиме ширење и сите ресурси итно ги насочивме тука. Ер тракторот користи специјална пена, која не дозволуваширење на огнот. Нема повредени лица, а побаравме помош и од соседните единици. Според мојата перцепсија ова е намерно подметнат пожар, бидејќи не е лесно да се запали ваков објект. Според мене ова е хибриден напад врз државата, бидејќи да се случат волку тешки пожари кои предизвикуваат големо загадување, а за мотивите може да претпоставуваме. И МВР и останатите служби рботат на откривање на сторителите. Апелирам до сите да го пријават секое сомнително поведение, лица кои носат туби или шишиња веднаш да пријават во полиција или на бројот 112, рече Ангелов.
Според Мухамед Али, директор на ЦУК, на лице место, каде што избувна пожарот во населба Трубарево во текот на денот, поточно во 13:38 часот, преку единствениот број за итни повици 112 бил пријавен пожар во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали.
-Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти. Веднаш воспоставив координација со Центарот за управување со кризи и ги информирав надлежните служби за состојбата на терен, добивајќи насоки за понатамошни дејствија. Од страна на операторот ЕВН беше побарано итно исклучување на електричната енергија, со цел да се овозможи безбедно гаснење на пожарот, вклучително и со употреба на воздухопловни средства. На терен се ангажирани шест противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, со повеќе од десет пожарникари, како и неколку специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување. Дополнително, во гаснењето учествуваат еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи, еден хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија, како и еден Ер Трактор на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен се испратени и екипи на итната медицинска помош, вели директорот.
Бидејќи станува збор за пожар со опасен и отровен чад од Министерство за здравство информираат дека ја следат состојбата со пожарот во скопско Трубарево.
-Во постојана координација сме со сите надлежни институции. Службите на Министерството се подготвени за навремено постапување во рамки на своите надлежности, а во зависност од натамошниот тек на настаните, велат од МЗ.
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски







