Партиските вработувања во образованието и ЈКП „Водовод“ – Кочани ги судрија ставовите на ривалите на овие Локални избори во Кочани Венко Крстевски, независен кандидат за градоначалник и д-р Владко Грозданов, кандидат поддржан од ВМРО ДПМНЕ.
Грозаданов побара одговор од Крстевски, кој е и актуелен в.д. градоначалник на Кочани за кочењето на училиштата, како што рече по информациите од таму дека „акцентот за лошата состојба за училиштата ја префрлаат кај Крстевски и лошата комуникација.
-Јас сум виновен што во Нивичани има четири деца?!, реагираше Крстевски и додаде дека самите директори без согласност формирале паралелки со помал број на ученици.
-ООУ „Раде Кратовче“ со 27 деца има формирано 3 паралелки. Тоа е спротивно на законите. После тоа беше стигната согласноста. Тоа е класичен пример за партиски вработувања во образованите институции во општините. Тие сакаат на направат фонд на часови да вработат повеќе партиски активисти. Децата треба да имаат социјален живот. Имате подрачно училиште во Прибачево има клас со едно дете. Во Бели имате девет деца во две паралелки. Наместо тие деца да дојдат се дружат, да се социјализираат, им доаѓаат на роденден другарчиња. Патронат не можат да одржат, рече Крстевски.
На ова Грозданов излезе со мислење дека треба да се мисли и на задржување на луѓето во селата и онака целата држава е иселена, но со отворените мали училишта може да се задржи населението.
-Воопшто не е така од економски аспект – две деца а четири наставници. Но, доколку тие деца не се школуваат во нивното место и тие ќе се иселат. И што ќе направиме?! Комплетна миграција, иселување на селата. Практично ќе немаат зошто да живеат во села. Ова не е економски исплатливо, но е задржување на луѓето. Ќе ги остават своите куќи и ќе дојдат да живеат во градот. Не е лесно едно дете од Нивичани да го испратите во градот, рече Грозданов.
Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ изнесе податок дека Крстевски, откако ја презел функцијата без работа останале поголем број на работници во ЈКП „Водовод“ и наместо нив се вработени негови поддржувачи.
-Биле отпуштени 27 работници и сите се од нашите, а биле вработени 57 ваши поддржувачи. Дали ова не е партизација? – праша Грозданов.
Крстевски рече дека отпуштени се тие што не оделе на работа, а земале плата, а јавното претпријатие има историски минимум на работници – 171, за разлика од 2019 година кога имало 278 вработени.
-Моментално има 171 редовно вработени и 53 – 4 времено вработени преку агенција. Најголем дел од нив се членови на ВМРО ДПМНЕ што работат преку агенција. Тие што си ја работат работата се задржани. Сега ги гледам во вашата кампања. На Совет предложи 41 вработување, а ВМРО ДПМНЕ гласаше против своите членови да добијат решенија, одговори Крстевски.






