Нови немили сцени го потресоа македонскиот фудбал викендов, откако по завршувањето на натпреварот од Третата лига меѓу Беса од Слупчане и Аеродром, дојде до сериозен инцидент во кој беше физички нападнат голманот на скопскиот тим. Инцидентот се случил непосредно по последниот судиски свиреж, кога дел од играчите и членовите на домашниот табор физички го нападнале чуварот на мрежата на Аеродром, Кирил Петровски, пишува гол.мк.
На социјалните мрежи веќе се шири видео од нападот на младиот голман на гостите, на кое може да се слушнат и крици. Инаку, натпреварот заврши со победа на Аеродром од 1-2, со головите на Стефан Богдановски и Даријан Аврамовски. Од МВР потврдија дека инцидентот е пријавен во СВР Куманово и дека се преземаат активности за целосно расчистување на случајот.
„На 26.10.2025 година во СВР Куманово лицето И.А. од Скопје пријавило дека по завршување на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на ФК Беса од Слупчане и ФК Аеродром, неколку играчи на гостинскиот тим биле физички нападнати од страна на играчи и претставници на домашниот клуб. Се преземаат соодветни мерки за расчистување на настанот,“ стои во официјалното соопштение на полицијата.
Неофицијално, голманот е пренесен во болница заради повредите. Се очекуваат дополнителни информации и реакции од Фудбалската федерација и од двата клуба. Инаку, делегатот на мечот Хајриз Скендеровиќ во извештајот има внесено дека „следува жалба од домаќинот“, а видео-материјал од мечот е доставен до ФФМ.




