Нашите деца имаат светски квалитети, ова уште еднаш го покажа Тина Русева(20) од Струмица, која веќе 10 години со семејтвото живее и работи во Леверкузен, Германија. Во новата сезона на популарниот музички натпревар „The Voice of Germany“ нашата Тина настапи со “Do It Like A Dude” од Џеси Џеј , буквално растури, жирито падна во несвест од нејзините гласовни способности, а тоа значеше дека оди понатаму во овој светски популарен музички натпревар.
А и што д се очекува од ова дете со музички гени, бидејќи откако е родена живее со музиката. Татко и Љубе беше тапнар на некогаш популарната група „Интервали“, додека мајка и Верица пејачка во фолк групата „Пицикато“. И двајцата имаа успешни криери, но во 2016 година, како и илјадници Македонци заминаа од татковината за да си ја побараат среќата далеку од дома.

Фото: Joyn / Claudius Pflug
Секако главен мотив на сите родители е да им обезбедат светла иднина на своите деца, а Тина го оправда тоа. Со ваков глас таа секако има светла иднина, а вратата веќе и е отворена. Иако, рака на срце Тина уште како мала, додека живееше во Македонија настапуваше на фестивали и постигнуваше успеси.
По еуфоријата од нејзиниот настап пред четири дена со Тина разговаравме не само за успехот на натпреварот, туку и за тоа колку е тешко далеку од татковината.
-Јас пеев на фестивали и додека бев во Македонија. Прво на „Јо-Јо“ во Струмица, па во Дојран, па „Славјнски базар“ и на други низ светот. Мене отсекогаш ми беше желба да настапам на овој натпревар. И додека бев во Македонија го гледав како нешто што е светско, но ми беше недостижно. Прв пат се пријавувам, сама се пријавив кон крајот на минатата година и не кажав никому, дури ни дома не знаеја. Кога веќе ми кажаа дека сум примена, дека треба да одам во Берлин дури тогаш кажав. Во Германија имам настапувано на повеќе локани манифестации, но ова е нешто друго. Досега не се пријавував, бидејќи го немав добро науено германскиот јазик, но сега веќе е поинаку. Завршив средно, општа гимназија и да не беше натпреваров ќе се запишев на факултет, сакам да студирам менаџмент. Не знам како ќе биде понатаму, како што е Господ никој не е. Ние семејно веруваме во Господ и мислам дека се што се случува, се случува со причина. Не знам до каде ќе стасам понатаму, но и до тука ми е многу големо искуство, задоволство и гордост, бидејќи од илјадници кандидати само 100 добивме шанса. Ако има шанса да отпеам некоја македонска песна со здоволство ќе го направам тоа и сакам тоа да звучи светски, вели Тина, која се заблагодарува на целата поддршка која ја доби од Македонија и додава:

-Во Германија има многу успешни Македонци и навистина се гордеам кога ќе кажам дека доаѓам од Македонија и дека мојот народ стои зад мене. Навистина сум благодарна од целата поддршка која ја добив овие денови. Ми пишаа и луѓе што ги знам и што не ги знам, ми пишаа многу јавни личности, пејачки… Ми пиша Тамара, Тијана, Елена, Каролина, Дарко Димитров и многу други познати луѓе од Македонија. Прв пат се почувствував како да го споив народот заедно на едно место. Како сите да ја почувствуваа емоцијата, која ја почувствувавме ние додека траеше натпреварувањето. Мајка ми вели дека ваква емоција не почувствувала од раѓањето на мене и брат ми, вели Тина.
А дека е лесно да се замине од дома и да се снаоѓа по светот, воопшто не е. Тоа го знаат сите кои го спакувале животот во куфери и заминале. Така е и со семејството Русеви.

Тина вели дека сака да доаѓа во Македонија и дека и недостасуваат луѓето иако и во Германија има многу Македонци.

-Преку лето најчесто си доагаме во Струмица. На моменти ме фаќа носталгија, да дојдам да си видам мои луѓе. Но, и тука се навикнав. И тука има многу наши. Ние живееме во град каде има најмногу Македонци. Нашата улица на шега ја викавме „Македонска улица“. Сметам дека музиката не знае за јазици, знае само за емоција. Јас и кога настапував додека учев иако не разбираа што пеам ми ја разбираа емоцијата. Музиката ми е и дома, постојано пееме сите. Мајка ми веќе се збогуваше со професионална кариера, за сметка на нас. А татко ми има џез бенд и свири. Целиот живот ни е музика, вели Тина.
Весна Миленковска
Фото: Joyn / Claudius Pflug





