Пред 33 години на сцената на „Макфест“, Сашо Гигов- Гиш ја отпеа безвременската „Моја гитара“, но со многу емоции ја слушнавме повторно на 40. издание на овој фестивал.
„Од тогаш до сега поминат е цел живот“, вели Гиш, кој, како и неговите колеги не ја криеше возбудата.
-Со самиот факт што сум тука се чувствувам прилично возбудено. Се гледам со луѓе од моја генерација со кои сме настапувале во тоа време. Тоа се почетоците на македонската култура и забавна музика. Јас тогаш имав 20 и неколку години. По дифолт сме вградени во ова тврдина наречена Македонија, каде се повеќе и повеќе ја поткопуваат туѓи води подземни. Зато кога ќе ги видам луѓето тука ме опфаќа радост во смисла да сакаш да правиш нешто ама од љубов да го правиш тоа. Убаво е вакво внимние да ти подарат, им благодарам што им текнало на мене, на нас, на „Банакрот блуз бенд“, на „Моја гитара“ и тоа ми значи многу. Некако ми дава сила да издржам во ова прилично дехумнизирано и трансхумано опшество. Еве кога се дружам со луѓе и на моја возраст и со дечињава убаво му е на душава.

Но, не е само „Моја гитара“, имаш уште многу песни кои ќе останат запишани во макдонската музичка историја..
-Да, но оваа е најпопуларна. Оваа песна ми ги отвори вратите и ја употребив за еден убав рокенрол живот и во Македонија и на страна. Тоа беше судбинска песна и ја чувствувам како жиг.
А зошто те нема сите овие години, блесна но се повлече?
-Не ја сакам естрадата. Ми пречи. Ми пречеше, на овие години малку поинаку ги гледам тие работи. И децава треба да го научат тој занает. Јас сум го научил и не сум бил за тој занает. Сам се повлеков и публицитетот ми дојде преку глава. Не сакав да бидам жртва на сопствениот публицитет. Да се навлечам на тој тип. Публицитетот е една од најсилните дроги. Да не речам слава, оти тоа е веќе друга приказна.
Да, но славата е сосема нормлно нешто за некој кој тргнал со квлитетна кариера, каква што ја имаше ти?
-Да, но во вакво антагонистичко и политизирано опшество до крајни граници – не. Гледаш сега сите се мразат, а порно сите се сакавме. Не знам зошто. Да знаев зошто?! Неблагодарно е сега човек на мои години и со мојот багаж да се плетка и да прави било што. И да претендира кон некаков публицитет или популарност. Супер е, јас сум многу благодарен на тие години што имавме таков публицитет со „Банкрот блуз бенд“. Но, добро е. Што ми фали вака, убаво ми е. Мој избор е тоа и оправдание за негативната селекција во опшестовото. Сум се повлекол. И еве одговарам само на вакви пријателски покани, како на Роберт Саздов. Бијдеќи децава не памтат ништо од тоа време, бидејќи не ги пуштаат тие стари песни. Но, кој сум јас да ги карам. Секое време си носи свое, сум ги поминал тие времиња и сега ми е убаво да бидам обичен, буквално обичен.
Во едно наше интервју од времето, кога имавме по 20 и неколку години, на обично прашање „што помислуваш прво кога наутро ќе ги отвориш очите“, ти рече: „Ти благодарам Боже на уште еден ден и што го видов сонцето“. Важи ли ова уште, кога станува збор за животот?

-Да, се уште сум на таа приказна. Тоа е таа конзистентност, на благодарност. Човек кога е благодарен што диши воздух. А понатаму како ќе даде севишниот, само да сме со добра намера и со добра мисла. Со годините доаѓаат моменти на несигурност, на криза на идентитет, на напади на безпотребна суета. Сето тоа се болести кои треба да се прегрмат. Како короната. Затоа што не е лесна оваа професија, особено во ваков историски и геополитички момент, особено во овој момент на колективна загриженост. Да не се лажеме. Да бидеме реални. Публикумот се обични луѓе како и ние. На кого му е дојдено до песна. Знаеш на кого му е дојдено до песна? На тие што сакаат да заборават колку им е тешко. На тие што се веселат само кога ќе се женат, мажат и деца кога ќе им се раѓаат. Порано луѓето после секое јадење пееле. Или иделе во кафана да јадат и да пеат или да слушаат некој. Сега многу е доле критериумот на тоа што беше уметност. Ај да не ги иделизираме работите, секое време си има свои насоки и моменти, па кој колку издржи. А во оваа професија не издржуваат многу луѓе, ретки се тие што го издржауваат интензитетот на оваа проклета професија.
Па што правиш сега?
– Водам ноќна програма на радио, си терам емисии за музика, поезија, филм, етногрфија… Ги презентирам светските класици од рокенролот и блузот. Луѓето што слушаат радио работат некоја интелектуална работа и добро е да ги инспирираш или слушаат во кола додека возат. Тоа е бенефитот од старото радио. Така сме неколкумина ентузијасти. И се уште на ентузијазам функционира. На гол ентузијазам. Кај нас изгледа испуштени се конците. Нам ни треба превоспитување. На комплетната нација, на децата. Многу станавме невоспитана и дрска нација, нација што мрази. Па што очекуваме од тоа? Напредок? Се мразат брат со брт заради политички глупости. Гадно ми е да живеам во ваква Македонија. Ова не беше Македонија за која се боревме и во која се вградувавме со љубов и посветеност, со естетика и со етичност.

Па како можш во едно крајно неетично опшество да бараш естетика. Затоа многу е ниско нивото . Затоа владее турбо фолкот. Се е ставено на ултраматеријистички, спектакуларен начин на изгледање. Па што барам јас таму на 57 години. Со кого да се мерам. Со пластифицирани старлети и неталентирани и амбициозни дечиња. Нека си го тераат филмот, јас со тоа немам ништо. Јас сум стар човек, кој фала Богу се уште се занимава со блуз и поезија. Ама тоа не го качувам на глава. Како на Фејсбук што пуштаат слики па „јадев ова“, „јадев она“. Не го сакам тоа, ги презирам социјалните мрежи од таков тип на егоцентричност, манијакална селфпромотивност. Болен е народот. Јас сум од другото време. Сега се во мода политичари и ќелави аналитичари, кои секоја недела по четири пати се појавуваат на телевизија и те трујат за политика. И секако турски серии. Н сум јас за тој филм. Убаво ми е вака…




